К. Георгиев со трофејот од „Карпош опен“

Ова е составот во кој верувам и кој е способен да оствари пласман, би рекол, блиску на оној на ШО 2000 во Истанбул и во 2002-та на Блед, како и на ЕП 2003 во Пловдив, вели селекторот Роландо Кутиров

Велемајсторите (ВМ) Кирил и Владимир Георгиев, Трајко Недев и интернационалните мајстори (ИМ) Филип Панчевски и Никола Николовски, се петтемина шахисти што ќе ги бранат боите на Македонија на претстојната 42-та Шаховска олимпијада (ШО), од 23 септември до 6 октомври во Батуми, Грузија.
Според овој состав, кој до 23-ти месецов новиот селектор на машката селекција, ВМ Роландо Кутиров, треба да го пријави во Батуми, се наоѓаат и повратници во репрезентацијата, натурализираните Македонци со бугарски пасош, Кирил и Владимир Георгиеви.

– Од поширокиот список на 10 репрезентативци, кои ги имав предвид, сепак, се решив за овие петмина. Со нив е веќе направен разговор и тие прифатија да настапат за македонската селекција, со таа разлика што уште се двоумам дали на третата табла да биде Недев или Панчевски. Ова е составот во кој верувам и кој е способен да оствари пласман, би рекол, блиску на оној на ШО во Истанбул во 2000 година и на Блед 2002, како и на Европското првенство (ЕП) во Пловдив во 2003 година. Кирил на првата табла, со неговото искуство и со квалитетот, секако ќе ја повлече репрезентацијата да оди напред – вели Кутиров, кој и претходно беше селектор на мажите од 2005 до 2007 година, а ги предводеше и жените во 2001 и 2002 година.

Македонската репрезентација токму со Кирил (трикратен победник на „Карпош опен“) и Владимир Георгиев ги постигна и најдобрите резултати. К. Георгиев за Македонија настапи на ШО на Блед во 2002 година, кога беше забележан најдобриот пласман на ШО, делба на 8-12 место (според дополнителните критериуми 11-то) и на ЕП 2003 во Пловдив, каде што Македонија беше досега најдобропласирана, 12-та. В. Георгиев ги бранел боите на пет ЕП и на шест ШО.