ТРИАТЛОН – БАЛКАНСКО ПРВЕНСТВО ЗА КАДЕТИ

Македонскиот триатлон оствари голем успех на Балканското првенство во кадетска конкуренција во Романија, откако Јосиф Малински (15) го освои првото место во балканска и второ во апсолутна категорија, а Марио Брезовски (14) беше втор во балканска и трет во апсолутна категорија. И двајцата се членови на скопскиот клуб Триоги рејсинг.
– Ова е голем успех за нашите триатлонци. Работиме напорно, се трудиме да го донесеме триатлонот рамо до рамо барем со балканските земји, гледајќи перспективно и подалеку. Патот не е едноставен, ресурсите се многу ограничени, но ентузијазмот е тој што нѐ држи на оваа патека. Имаме генерации младинци што можат многу да постигнат, ние, а и државата треба да им помогнеме да го остварат тоа – вели Данчо Ѓорѓијевски, селектор на триатлон-репрезентацијата и основач на клубот Триоги рејсинг.
Македонската репрезентација на Балканското првенство успешно ја претставија и Бобан Јаневски, Филип Здравев, Варвара Атанасовска (Триоги рејсинг) Матео Мачоски, Тија Кукунешоска (3Дисциплинс од Струга) и Стефан Делев (ТК Софка), информираат од Триатлон-федерацијата на Македонија. Г.И.