Георгиевски, Додевски и селекторот Костовски

ТАЕКВОНДО – Г2-ТУРНИР „ОПЕН АЛБАНИЈА“

Во финалето, Георгиевски го декласира олимпиецот и медалист од светските првенства, Словенецот Иван Трајковиќ

Македонските таеквондисти Дејан Георгиевски и Филип Додевски, предводени од селекторот на репрезентацијата на Македонија и тренер на клубот Бутел од Скопје, Борче Костовски, постигнаа голем успех на силниот меѓународен турнир од серијата Г2, „Опен Албанија“, кој се одржа во главниот град Тирана.

Олимпиецот Дејан Георгиевски, кој на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио го освои сребрениот медал, во категоријата над 87 кг ги освои првото место и златниот медал, додека исто така талентираниот и надежен таеквондист Филип Додевски (до 87 кг), и двајцата од клубот Бутел, го освои сребрениот медал, со што уште еднаш покажаа дека е во одлична натпреварувачка форма.

Георгиевски во првото коло беше слободен, а потоа имаше две убедливи победи, од кои во финалната го декласира олимпиецот и медалист од светски првенства, Словенецот Иван Трајковиќ, со што освои нови 20 бода на ранг-листата. Додевски, пак, по двете победи, во финалниот меч минимално загуби од Азербејџанецот Сулејманов, со што освои 12 бода.
– Овој успех е уште еден континуитет во низата што е постигнат на големите натпреварувања и доказ дека таеквондото по своите успеси е спорт број еден во Македонија. Истовремено, ова претставува и добра увертира за претстојниот гранпри-турнир, кој на 21 октомври ќе се одржи во Манчестер, Англија, а на кој ќе настапат најдобрите 32 таеквондисти во олимписка категорија. Таму првото место носи 60 бода, а тоа значи и многу поблиску до ЛОИ во Париз 2024 година – задоволно ни изјави селекторот Борче Костовски. Г.И.