На две кола до крајот, дури четири шахистки го делат првото место
ШАХ – 23. ПОЕДИНЕЧНО ЕП ЗА ЖЕНИ
Македонските шахисти освоија еден поен од можни три во деветтото коло на 23. Европско поединечно првенство (ЕП), кое се игра во Петровац (Црна Гора), со 136 шахисти од 35 држави. Единствената победа ја оствари Моника Жежовска (1.761, рангирана 126-та пред почетокот на ЕП), совладувајќи ја со црни фигури Црногорката Тара Ивановиќ (1.472, 134-та), откако во 21-от потег жртвуваше топ по a-линијата, по што противничката се предаде, оти следуваше мат со кралица во следните три потези.
Ивана Манова (1.923, рангирана 115-та) загуби со црни фигури од ЖВМ од Грција, Марина Макрополу (2.102, 93-та), по 42 одиграни потези, откако одигра непрецизно во средишницата. Катерина Петровска (1.907, 117-та), исто така со црни фигури, по голема борба загуби во 62-от потег од Русинката Оксана Горјачкина (1.759, 128-та), откако не најде „лек“ за заканата на противничкиот слободен а-пион.
По деветтото коло, Манова е на 108-то место со 3,5 поени (плус нови 6,2 р.п.), Жежовска е 120-та со три поени (плус 46,4 р.п.), додека Петровска е на 132-то место со два поена (минус 54,2 р.п.). На две кола до крајот, на врвот станува мошне возбудливо, оти дури четири шахистки имаат ист број поени, по седум. Најблиску до шампионскиот пехар се ИМ од Полска, Александра Малтсевскаја (2.388, рангирана 20-та), ИМ од Полска, Оливија Киолбаса (2.406, 15-та), ИМ од Грузија, Мери Арабидѕе (2.433, рангирана деветта) и ИМ од Франција, Полин Гишар (2.379, 22-та). Прворангираната на ЕП, ВМ од Грузија, Бела Котенашвили (2.491), е петта со 6,5 поени, а актуелната европска шампионка, ВМ од Полска, Моника Сочко (2.432, рангирана 10-та) е на 22-то место со шест поени. Г.И.