На состанокот на ЕОК беа презентирани и логото и предлозите за маскотите, како и распоредот на натпревари, сместувачките капацитети, транспортниот систем, планот за волонтерскиот сектор и спортската програма, информира МОК
МАКЕДОНСКИ ОЛИМПИСКИ КОМИТЕТ
Во црногорскиот град Будва викендов претседателот на Европските олимписки комитети (ЕОК), Спирос Капралос, и делегатите од 50 европски олимписки комитети ја оценија како многу успешна презентацијата на претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Даниел Димевски, за сето она што е сработено досега, како и за сето она што се планира да се направи за одлична организација на европските младински олимписки игри „Скопје 2025“, информира Македонскиот олимписки комитет на својата официјална интернет-страница.
И покрај доцното доделување на организацијата на Игрите на МОК од страна на ЕОК (октомври 2023 година), иако вообичаено е тоа да биде четири години пред одржувањето на Игрите, МОК успеа за кратко време да ги исполни сите барања на ЕОК, особено во однос на поставување на одговорните лица на спортските објекти од соодветните спортови, како и поставување на системот на натпревари во согласност со правилата на ЕОК и на Европските спортски федерации, пишува Македонскиот олимписки комитет. Беа презентирани и логото и предлозите за маскотите за Европскиот младински олимписки фестивал како и распоредот на натпревари, сместувачките капацитети, транспортниот систем, планот за волонтерскиот сектор, како и спортската програма.
На овој настан во организација на Европските олимписки комитети се дебатираше и за неодамна завршените Летни олимписки игри во Париз, Олимписките план и програма за периодот од 2024 до 2028 година, одржливоста и родовата еднаквост во спортот, како и за користењето вештачка интелигенција во спортот.
НАСТАН СО ОЛИМПИСКИ ТРАДИЦИИ
Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) има долгогодишна традиција и е првиот врвен европски мултиспортски настан наменет за млади спортисти на возраст од 14 до 18 години, пишува ЕОК. Има зимско и летно издание, кои се одвиваат во двегодишен циклус, во непарни години. Настанот се одржува под олимписко знаме и е богат со олимписки традиции, како запален пламен и заклетва на спортистите и официјалните лица. Токму на ЕМОФ многу од талентираните европски спортски ѕвезди ги направиле своите први чекори на меѓународната сцена.
На летните спортски фестивали учествуваат околу 3.600 млади луѓе и нивни функционери, а на зимските изданија има околу 1.600 учесници. ЕМОФ е порта за олимписките игри, со многу медалисти што освоија медали на летни (ЛОИ) или зимски олимписки игри (ЗОИ), и им дава на најдобрите млади спортисти прво искуство за тоа како изгледа еден олимписки настан, во исто време охрабрувајќи повеќе млади луѓе да практикуваат спорт и да водат здрав начин на живот, пишува ЕОК.
ЕМОФ СЕ ОДРЖУВА ОД 1991 ГОДИНА
Од првото издание на ЕМОФ во 1991 година многу идни ѕвезди ги почнале своите спортски кариери токму за време на летните и зимските спортски фестивали, а потоа станале победници и медалисти на ЛОИ, ЗОИ, светски и европски првенства и светски купови. Некои од познатите спортски ѕвезди се Швеѓанката Ања Персон (алпско скијање), злато на ЕМОФ во 1993 година и олимписки медал во 2006 година, Австриецот Мартин Кох (скијачки скокови), злато на ЕМОФ во 1999-та и олимписки медал во 2006-та, Грузиецот Јариј Звијадаури (џудо), злато на ЕМОФ во 2001 година и олимписки медал во 2004-та, Романката Габриела Сабо (атлетика), злато на ЕМОФ во 1991-та и олимписки медал во 2000 година, Швеѓанката Лина Андерсон (крос-кантри скијање), злато на ЕМОФ во 1997 година и олимписки медал во 2006-та, Унгарката Ева Ристов (пливање), пет злата на ЕМОФ во 1999 година и олимписки медал во 2012-та, Холанѓанецот Питер ван ден Хогенбанд (пливање), злато на ЕМОФ во 1993-та и олимписки медал во 2000 година и други. Г.И.