ШАХОВСКА ОЛИМПИЈАДА ВО БУДИМПЕШТА, ШЕСТО КОЛО

Македонската машка репрезентација по шест кола е на 25-то место, а женската селекција е на 83-то. Вчера беше слободен ден, а денеска во седмото коло ривали на Македонија ѝ се Швајцарија (мажи) и Тринидад и Тобаго (жени)

Машката репрезентација на Македонија ја оствари и четвртата победа на 45. Шаховска олимпијада (ШО) во Будимпешта, откако во шестото коло го совлада Хонгконг (рангиран на 120-то место пред ШО, просечен рејтинг 2.062 поени) со 4-0. Македонците (рангирани на 62-то место, 2.421) сите четири победи ги постигнаа со по 4-0 и сега се на одличното 25-то место со осум бода (18,5 поени по табли), меѓу 197 селекции. Во ова коло одмораше ВМ Евгени Романов, а цел поен со сигурна игра впишаа ИМ Тони Лазов, ИМ Никола Николовски, ИМ Емил Ристески и ФМ Антон Златков. Вчера беше слободен ден, а денеска во седмото коло Македонија за ривал ја има Швајцарија (рангирана на 38-то место, 2.524).

Повторно понеизвесно беше кај македонските шахистки (рангирани на 57-то место, 2.026), кои го остварија и второто реми, сега со Киргистан (рангиран на 88-то место, 1.877) иако беа фаворитки. Моника Стојковска и Моника Жежовска и покрај тоа што имаа добиени позиции, не успеаја да ги реализираат. Цел поен освои Ивана Манова, а загуби Леа Ефтовска. Македонките моментално се на 85-то место со шест бода (12,5 по табли) меѓу 181 селекција. Следен ривал е Тринидад и Тобаго (рангиран на 97-то место, 1.847).

На ШО 2024 Индија е лидер и во двeте конкуренции, со по шест победи и максимални 12 бода. Во отворениот дел ја следат Виетнам, Кина и Иран со по еден бод помалку. Индијците во ова коло ја победија Унгарија со 3-1. Арјун Еригаиси останува единствениот играч со перфектен ефект во отворениот дел. Втората поединечна победа ја донесе Видит Гујрати, а на првите две табли беше нерешено. Неверојатниот Виетнам ремизира со Кина, 2-2. Иран ја совлада Норвешка со 2,5-1,5, благодарение на четвртата табла, а Магнус Карлсен имаше значајна предност против Пархам Магсудлу, но постигна само реми. Бранителот на титулата Узбекистан мошне тешко со 2,5-1,5 го победи Израел, а САД одиграа 2-2 против Романија и покрај фаворитската улога.
Кај шахистките, Индија продолжува да ги одушевува своите навивачи, победувајќи ја и Ерменија со 2,5-1,5. Кина го претрпе вториот пораз во низа, од Полска, со 1,5-2,5, Грузија минимално ја совлада Монголија… Води Индија со 12 бода, а по еден бод помалку имаат Грузија и Полска.

Ако направиме споредба по шестото коло во однос на претходната ШО, во 2022 година, во Индија, шахистите тогаш биле послабо пласирани, а шахистките подобро пласирани. Така. Македонците (тогаш рангирани на 71-то место пред ШО) по шестото коло биле на 73-то место, со седум екипни бода (три победи, едно реми и два пораза, 12,5 поени по табли), а Македонките (тогаш рангирани на 61-то место), на одличното 47. место со осум бода (четири победи и два пораза, 13,5 поени по табли). Тогаш Ерменија во машка и Индија во женска конкуренција биле во водство со по 12 бода. Засега на ШО 2024 во Будимпешта Романов има ефект од 3,5 поени од пет можни, Лазов 4,5/5, Николовски 3/4, Ристески 3,5/5 и дебитантот Златков 4/5. Кај шахистките, Стојковска и Жежовска имаат по 3,5/6, Манова 3,5/5, Трајковска 1/3 и Ефтовска 1,5/4. Лазов и Златков се единствени што немаат загубено партија досега во Будимпешта, а во Индија по ова коло сите шахисти и шахистки што играле за Македонија имале најмалку еден пораз. Г.И.


ШО 2024, ШЕСТО КОЛО

Македонија – Хонгконг 4-0
ИМ Тони Лазов (2.360) – КМ Едрих Као (2.125) 1-0
ИМ Никола Николовски (2.388) – ФМ Даниел Лам (2.088) 1-0
ИМ Емил Ристески (2.367) – Пуи Чан (2.016) 1-0
ФМ Антон Златков (2.346) – Ванг Чан (2.017) 1-0

Македонија – Киргистан 2-2
ЖФМ Моника Стојковска (2.043) – ЖФМ Александра Самаганова (1.948) реми
Ивана Манова (2.032) – ЖКМ Бегимај Жанибегова (1.784) 1-0
Моника Жежовска (2.107) – ЖКМ Асел Лесбекова (1.903) реми
Леа Ефтовска (1.841) – ЖКМ Аизан Сездбекова (1.799) 0-1