Pres Judo federacija
Фото: Нова Македонија

Следната година во Македонија треба да се одржи Европското првенство за кадети и токму сегашниот спортски настан ќе биде еден голем чекор, но и вистински тест за неговото одржување, секако ако сите работи на овој јуниорски куп минат како што треба, во што јас не се сомневам, изјави потпретседателката на ЕЏУ, Родригез

ДЕНЕСКА ПОЧНУВА ВТОРИОТ ЕВРОПСКИ ЈУНИОРСКИ ЏУДО-КУП ВО СКОПЈЕ

Во пресрет на вториот Европски јуниорски џудо-куп, кој ќе се одржи денеска и утре во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, вчера беше одржана прес-конференција на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), на која присуствуваа потпретседателката на Европската џудо-унија (ЕЏУ), Португалката Катарина Родригез, претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски, потпретседателот на ЏФМ, Миодраг Стојановиќ, и генералниот секретар на ЏФМ, Благоја Гешоски.
– За првпат сум во Македонија и за првпат сум присутна на ваков спортски настан во џудо. Дојдена сум за да проверам како се одвиваат протоколите и до каде се работите околу организацискиот дел. Досега сум задоволна од она што го видов, но утре (сабота), кога ќе бидат отворањето и првиот натпреварувачки ден, сето тоа треба да биде и потврдено. Следната година во Македонија треба да се одржи Европското првенство за кадети и токму сегашниот спортски настан ќе биде и еден голем чекор, но и вистински тест за неговото одржување, секако ако сите работи на овој јуниорски куп минат како што треба, во што јас не се сомневам. Македонија е гостопримлива земја и досега била добар организатор – изјави на пресот потпретседателката на ЕЏУ, Катарина Родригез.
На ова квалитетно џудо-натпреварување официјално се пријавени натпреварувачи од 26 земји, од кои 163 во машка и 106 во женска конкуренција, или вкупно 269, што доволно зборува дека во борбата за медалите, конкуренцијата ќе биде исклучително жестока, а македонските љубители на џудото ќе уживаат во спектакуларни борби. Македонија ќе настапи со 19 учесници од кои десет во машка и девет во женска конкуренција. Домаќинството е резултат на добрите организациски способности на ЏФМ и нејзиниот претседателот Владимир Трпаноски.

– Да ви се заблагодарам за присуството на оваа прес-конференцијата, оти во секој случај од наша страна, покрај другото се бара и прилично рекламирање, добар маркетинг за претстојниот спортски настан. ЕЏУ поставува големи стандарди кога станува збор за организација на вакви големи спортски манифестации, почнувајќи од слетувањето на аеродромот, придружната логистика, сместувањето во хотелите, салата дали целосно и квалитетно ги исполнува условите и друго. Ова е втор ваков јуниорски куп што се одржува во Скопје по ланскиот, остварен по подолго лобирање во ЕЏУ. Лани минавме добро со одредени мали недостатоци, кои годинава ги надминавме, а и бројот на учесниците сега е поголем и поквалитетен од лани. Имаме триесетина европски судии од европски земји, а интересно е што ќе дојдат по нивна желба и неколку што судеа сега на ЛОИ во Париз. Ова ни е истовремено и последен тест за следната година кога сме домаќини на Европското првенство за кадети, но кое е и најмасовно. Сегашниот јуниорски куп, пак, станува традиционален кај нас, но само под услов ако ги задоволиме стандардите на ЕЏУ. Македонија има шанси да освои медал годинава, особено во женска конкуренција – изјави меѓу другото, претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски.
Свеченото отворање на Европскиот јуниорски куп е закажан за денеска (16.30 ч.), во СЦ „Јане Сандански“, а потоа почнуваат финалниот блок на борбите за медали и нивно доделување. Првите борби почнаа денеска и утре во 10.30 часот. Влезот е слободен. Г.И.


МАКЕДОНИЈА – МАШКИ
ИМЕ КАТЕГОРИЈА

Сергеј Димитриоски до 60 кг
Игнат Петров до 60 кг
Христијан Ангелески до 60 кг, до 66 кг
Фисник Фејзулаху до 66 кг
Никола Магдески до 66 кг, до 73 кг
Андреј Симоноски до 73 кг
Гордан Јорданоски до 73 кг
Никола Петров до 81 кг
Христијан Глигороски до 81 кг, до 90 кг
Владимир Милчиноски до 100 кг, до 90 кг

МАКЕДОНИЈА – ЖЕНСКИ
Георгина Блажеска до 44 кг, до 48 кг
Ана Марија Стојмиловска до 48 кг
Нина Николовска до 52 кг
Лилјана Недановска до 57 кг, до 63 кг
Азра Заими до 57 кг, до 63 кг
Ива Богдановска до 57 кг, до 63 кг
Мила Јованова до 70 кг
Борјана Поп Атанасова над 70 кг, над 78 кг
Катерина Ацевска над 78 кг