Јаник Синер (23) ја освои својата втора гранслем-титула со триумфот на САД опен во неделата, со што сезонава е само трета кога четирите гранслем-трофеи ги освоија тенисери на возраст до 23 години (во т.н. опен ера, од 1968 година), пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП). Италијанецот, кој го зацврсти своето место како светски број 1 на ранг-листата на АТП, и Карлос Алкараз (21) ги поделија главните трофеи во 2024 година. Синер победи и на Австралија опен, а Алкараз на Ролан Гарос и на Вимблдон.
Претходен пат кога играчи до 23 години ги освоија четирите гранслем-трофеи беше во 1993 година, кога славеа Џим Куриер на Австралија опен на 22 години и пет месеци, Серхи Бругера на Ролан Гарос со 22 години и четири месеци и Пит Сампрас на Вимблдон со 21 година и 10 месеци и на САД опен на 22 години и еден месец.
Со освојувањето на САД опен, Синер стана првиот играч по Гиљермо Вилас во 1977 година што ја дополнил својата прва гранслем-титула со втора круна истата сезона, пишува АТП. Алкараз стана најмладиот тенисер што освоил гранслем-трофеј на сите три површини, земја, тврда подлога и трева, а тој е и само шестиот во опен ерата што во една година ги освоил Ролан Гарос и Вимблдон, по Род Лејвер, Бјорн Борг, Рафаел Надал, Роже Федерер и на Новак Ѓоковиќ, пишува АТП. Синер и Алкараз се двајца поранешни шампиони на младинското АТП-финале, откако триумфираа на 18-годишна возраст (Синер во 2019 година, Алкараз во 2021 година), пишува АТП. Н.М.