Бев свесен дека нема да биде лесно, оти имаше многу играчи со различен квалитет, вели Станојоски. Одбраната на титулата беше потешка од нејзиното освојување минатата година, поради напредокот на младите шахистки, смета Стојковска

ШАХ – ЗАВРШИЈА ОТВОРЕНИТЕ СЕНИОРСКИ ПРВЕНСТВА НА МАКЕДОНИЈА

Велемајсторот (ВМ) Звонко Станојоски (2.360 рејтинг-поени, рангиран трет пред почетокот) во машка и женскиот ФИДЕ-мајстор (ЖФМ) Моника Стојковска (2.042, рангирана прва), и двајцата членови на ШК Алкалоид, се сениорски шампиони на Македонија за 2023 година. Тоа е епилогот по деветте одиграни кола на отворените првенства на Македонија во шах во машка и женска конкуренција, кои се одиграа во Скопје, а прваците беа решени во последното коло. Кај шахистите, меѓу 95 учесници (еден ВМ, три ИМ, шест ФМ), Станојоски освои 7,5 поени (шест победи и три ремија), втор е ФМ Андреј Велјаноски (2.311, рангиран шести), а трет ИМ Никола Николовски (2.340, рангиран петти), и двајцата исто така со 7,5, поени, но послаб дополнителен критериум од победникот. Ланскиот првак, ИМ Филип Панчевски (2.453, прворангиран), е осми, со 6,5 поени. Одлично одигра младиот АФМ Антон Златков (2.164), кој е четврти, со седум поени. Најуспешен ветеран (над 65 год.) е Илија Стошевски (1.944), кој е деветти, со 6,5 поени. Куриозитет на првенството преставува Томислав Голубовиќ (1.663), кој е единствениот што ремизира во сите девет партии, освојувајќи го 53-то место, со 4,5 поени.

– Пред почетокот бев еден од фаворитите за победник и настапив да го освојам првото место. Бев свесен дека нема да биде лесно, оти имаше многу играчи со различен квалитет. По ремито во второто коло, почнав посериозно да се подготвувам за следните дуели, а како одлучувачки би ги издвоил партиите со Велјаноски и со Ристески во последното коло – ни изјави искусниот репрезентативец Станојоски, кој бил првак на Македонија и во 1992, 2003, 2004, 2006 и 2015 година.
Кај шахистките (вкупно 10), Стојковска ја одбрани титулата од лани со седум поени (шест победи, две ремија и еден пораз). Ист број на поени, но послаб дополнителен критериум, оствари Ивана Манова (1.928), која лани беше трета. Трета е Моника Жежовска (1.791), а четврта Маре Крстевска (1.500), и двете со по 6,5 поени. Петта е Леа Ефтовска (1.653) со шест, шеста е Инџи Ајрадиноска (1.482) со 4,5, Викторија Велеска (1.688) е седма со 2,5, Бонита Јакимова (1.163) е осма со два, деветта е Елисавета Брнс и 10-та Јована Лазарова (1.225), и двете со по со 1,5 поен.

– Одбраната на титулата беше потешка од нејзиното освојување минатата година, поради напредокот на младите шахистки. Мислам дека можев да одиграм подобро, но сепак сум задоволна од резултатите. Потешкиот пат води кон подрага титула – задоволно вели репрезентативката Стојковска.
Позначајни резултати, деветто коло: ФМ Ристески – ВМ Станојоски 0-1, Михов – ИМ Николовски 0-1, ФМ Велјаноски – Бошковски 1-0, ИМ Лазов – ИМ Панчевски реми, АФМ Златков – ФМ Кралевски 1-0.
Резултати, деветто коло, жени: ЖФМ Стојковска – Јакимова 1-0, Манова – Велеска 1-0, Крстевска – Ефтовска реми, Жежовска – Ајрадиноска 1-0, Брнс – Лазарова 1-0. Г.И.