ВТОРА МАШКА ШАХОВСКА ЛИГА НА МАКЕДОНИЈА

Шахистките на Фишер и на Гостивар обезбедија пласман во Првата женска лига, која ќе се игра годинава во август

Шахистите на битолскиот клуб Стево Патако го освоија првото место во Втората сениорска лига на Македонија, која во конкуренција на осум екипи од шест града се одржа во Струга. Се играше на шест табли (90 минути, плус 30 секунди за секој потег по играч), а по седум одиграни кола битолчани освоија 12 бода, забележувајќи пет победи и две ремија, без пораз. Второто место му припадна на ШК Штајниц, исто така од Битола, со 11 бода, додека трет е ШК Струга, со 10 бода. Решавачка беше победата на Стево Патако над Штајниц (3,5-2,5) во второто коло. Стево Патако настапи во состав: Томе Тодоровски (2.213 рејтинг-поени), Горан Симовски (2.252), Гоце Гецовски (2.209), Јосип Димитровски (2.206), Миодраг Јазаџиевски (2.242), Александар Степановски (2.077), Стефан Гајдаровски, Благој Смилевски (1.586), Слободан Дамјановски и Димитар Стефановски. Најмногу победи (пет) имаа првите две екипи.

Табела: Стево Патако 12 бода (27 поени по табли), Штајниц 11 (28), Струга 10 (27,5), 7. Ноември 9 (21,5), Карпош 7 (23), Центар 3 (12,5), Ласкер 2 (16,5), Шкендија 2 (12).

Женската екипа на Фишер од Куманово триумфира на турнирот во Струга, кој имаше квалификациски карактер, оти првите две екипи обезбедија пласман во Првата женска македонска лига, која ќе се игра годинава во август. А таму, покрај Фишер, ќе настапи и второпласираниот Гостивар. На турнирот настапија седум клуба од шест града, се играа шест кола со исто временско темпо како и во Втората машка лига, но на четири табли. Фишер ги совлада сите екипи, а го победи (3-1) и второпласираниот Гостивар. Победничката екипа настапи во состав: ФМ Гергана Пејчева (2.218), ЖИМ Цвета Галунова (2.172), Ана Лазаревска (1.283) и Сања Станковиќ. За Гостивар пак, играа: ЖФМ Моника Шпалир (2.087), Матеја Поповиќ (1.839), Аница Андоноска (1.706), Тамара Јовановска (1022) и Симона Стефаноска.

Tабела: Фишер 12 бода (23 поени по табли), Гостивар 10 (18), Шах-шех 7 (9,5), Прилеп 5 (10,5), Ласкер 4 (8,5), Дамин гамбит 3 (9), Гази Баба 1 (5,5). Г.И.