Гукеш (лево) и Каруана

Ова е едно од најсензационалните дебија во историјата на ШО, пишува ФИДЕ за 16-годишниот Гукеш, кој настапи и на ЕКК лани во Струга, за ШК Прилеп (прва табла, 5,5 поени од седум кола со четири победи и три ремија), и кој беше рангиран на 17-та позиција пред почетокот, а го освои 14-то место. Гукеш на ШО 2022 има осум победи од осум меча, а во осмото коло со црни фигури го победи и поранешниот претендент за светската титула, Каруана

Сензација на досегашниот тек на Шаховската олимпијада (ШО), секако, е индискиот велемајстор (ВМ), 16-годишниот Домарају Гукеш, кој засега има неверојатен резултат од осум победи од исто толку партии со играчки перформанс, односно со силина на шахист од 3.366 рејтинг-поени. Тој во осмото коло со црни фигури го победи и поранешниот претендент за светската титула, Американецот Фабијано Каруана.
– Ова е едно од најсензационалните дебија во историјата на ШО, а може да се спореди само со рекордот на поранешниот светски шампион, Русинот Владимир Крамник, поставен во 1992 година, кога имаше резултат 8,5/9, постигнувајќи рејтинг-перформанс од 2.958 поени. Со победа над Каруана со рејтинг од 2.783 поени, Гукеш покрај тоа што постигна перформанс од 3.366 поени, тој со моментниот рејтинг во живо од 2.729 поени, го надмина својот сонародник Пентала Харикришна, за да стане играч број два во Индија зад легендарниот Вишванатан Ананд, кој не игра на ШО. На августовската рејтинг-листа, Гукеш беше на 30-то место, а со сегашните нови 30,1 рејтинг-поени, тој моментно би бил на 24-то место. За споредба, актуелниот светки првак Магнус Карлсен има резултат шест поени од седум партии и перформанс на шахист од 2.845 рејтинг-поени, односно забележа пет победи и две ремија – пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ) на својата интернет-страница.
Гукеш настапи и на Европскиот клупски куп (ЕКК) лани во Струга, за ШК Прилеп. Играше на првата табла и оствари резултат 5,5 поени од седум кола (четири победи и три ремија), а Прилеп, кој беше рангиран на 17-та позиција пред почетокот на ЕКК го освои 14-то место со осум бода (21,5 по табли), во конкуренција на 30 клуба.
Гукеш е вториот најмлад ВМ во историјата на Индија (на 15 јануари 2019, на возраст од 12 години, седум месеци и 17 дена). Индија е шаховска нација, а на ШО 2022 има три машки селекции (како домаќин има право на тоа). Во првата селекција има двајца шахисти со рејтинг над 2.700 поени и тројца над 2.600, во втората четворица со над 2.600 и еден над 2.500, и во третата сите петмина се со рејтинг над 2.600 поени. Индија има 52 ВМ меѓу првите 100 шахисти во својата држава. Г.И.