Од мечот Македонија - Норвешка

Со т.н. швајцарски систем, двојките се формираат според истиот или приближен број поени на селекциите, па последните три кола секогаш биле решавачки за конечниот пласман. „Сега се трите најважни кола за сите репрезентации. Кој поединечно ќе одигра добро кај нас, тој ќе биде, всушност, и шаховски херој“, вели селекторот на мажите, Недев. „Ако добиеме два од последните три меча, тоа за нас ќе претставува успех во оваа завршница на ШО“, рече селекторот на жените, Андоновски. Машката репрезентација на осум ШО го подобрила пласманот по осмото коло на крајот, а на македонските шахистки тоа им успеало четири пати

ШАХ

На Шаховската олимпијада (ШО) во Ченаи (Индија), денеска и утре, на програма се последните две кола, по што ќе бидат познати новите екипни шампиони. Едно е сигурно, во отсуство на двете селекции на Кина, шаховскиот свет ќе добие нови олимписки шампиони. Со т.н. швајцарски систем кога натпреварувачките двојки се формираат според истиот или најблиску приближен број поени на селекциите, последните три кола секогаш биле и решавачки за конечниот пласман. Македонската машка репрезентација, рангирана на 61-то место пред почетокот (2.389 просечен рејтинг), од 187 селекции, на три кола до крајот на ШО 2022 беше на 69-то место со девет бода (15,5 по табли, а вчера играше со Тринидад и Тобаго – на 91-то место).
– Посакувам уште минимум две победи, со што ќе завршиме пред стартниот број пред почетокот на ШО. Фаворити сме во дуелот со Тринидад и Тобаго. Се надевам на добар пласман во Ченаи. Сега се впрочем трите најважни кола за сите репрезентации. Кој поединечно ќе одигра добро кај нас, тој ќе биде всушност и шаховски херој. Залудно е ако претходно играл некој добро, оти сега се решава сѐ – вели селекторот на машката селекција, Трајко Недев.
Истото важи и за македонските шахистки, рангирани на 71-то место (1.863) од 161 репрезентација, која на три кола до крајот беше на 79-то место со осум бода (15,5 по табли), а вчера во деветтото коло играше со Уганда (рангирана на 93-та позиција).
– Ако добиеме два од последните три меча, тоа за нас ќе претставува успех во оваа завршница на ШО. Против Уганда нѐ очекува неизвесен меч. Во секој случај, девојките се борат, даваат сѐ од себе на таблата, па се надеваме на успешен финиш. Но целосната анализа, секако, ќе следува по завршувањето на ШО – вели селекторот на женската репрезентација, Љубиша Андоновски.
Токму најдобрите пласмани на репрезентациите се „ковеле“ во финишот на олимпијадите. Машката репрезентација дури на осум ШО успеала да го подобри пласманот по осмото коло на крајот, и тоа во 1998 година (51. по осмото коло, а 46-та на крајот) во 2000 (51-13), 2002 (40-11), 2004 (43-42), 2006 (45-33), 2014 (73-59), 2016 (83-67) и во 2018 година (61-48). На македонските шахистки тоа им успеало четири пати, во 2004 година (59-56), 2012 (79-66), 2014 (82-66) и во 2016 година (85-68), а во 2010 година пласманот останал ист (60. место).
По осум кола на ШО 2022, кај мажите водеше Ерменија со 15 екипни бода (22 по табли), пред втората селекција на Индија со 14 бода (25,5) и Узбекистан со 14 бода (25,5). Кај дамите прва беше Индија со 15 бода (23), пред Грузија со 14 (22), а потоа следуваа пет селекции со по 13 бода. Г.И.