Тој моментно е најдобриот бејзбол-играч и веројатно е на вистинскиот пат да се нареди меѓу најдобрите играчи во историјата на таа игра. Сепак, Траут може да оди пеш по која било улица или град во САД и да не биде препознаен

Мајк Траут, од бејзбол-тимот Лос Анџелес енџелс, можеби не е познат како Том Брејди, од НФЛ-тимот Њу Ингланд патриотс, освојувачот на шест супербоула, или како кошаркарот Леброн Џејмс од Лос Анџелес лејкерс, односно Стеф Кари од Голден Стејт, на пример. Но со новиот 12-годишен договор, вреден 426,5 милиони долари, Траут се најде на врвот на листата на највносни спортски зделки во историјата на Северна Америка, со загарантирани 35 милиони долари годишно. Тој моментно е најдобриот бејзбол-играч и веројатно е на вистинскиот пат да се нареди меѓу најдобрите играчи во историјата на таа игра. Сепак, тој може да оди пеш по која било улица или град во САД и да не биде препознаен.

„Тој е одличен во бејзбол, но не е славна спортска ѕвезда. И се чини дека тоа му се допаѓа. Тој остава впечаток на средношколец од мал град, кој е во тело на 27-годишен спортист од светска класа“, вака го опиша неодамна во интервјуто Би-би-си. Во суштина, тој е она што е. Во младите години играл бејзбол, кошарка, фудбал, голф. Пораснал во малото гратче, Милвил во Њу Џерси, далеку од американските бејзбол-центри во Калифорнија, Тексас или Флорида, каде што поради топлото време бејзбол може да се игра цела година. Како тинејџер останал незабележан од професионалните скаути, а Енџелс од средното училиште го избрал дури како 25-ти пик пред десет години, што значи дека претходно 21 тим избрале некој друг. Вашингтон и Аризона промашиле по двапати!

– Многу тимови не беа заинтересирани затоа што јас бев дете од Источниот Брег и не играв многу. Јас уште од првиот ден само се обидував да им докажам дека згрешиле – се сеќава на тие денови Траут.
Тој вели дека неговата игра е инстинктивна и, за разлика од некои други играчи, не размислува премногу за техниката или за намерите на противниците.
– За мене, помалку значи повеќе. Ако премногу размислувам за нештата, тогаш може да се најдам во неволја. Се обидувам да ги поедноставам работите што повеќе, да излезам на теренот и да се натпреварувам – истакнува Траут.


Само 22 отсто од Американците знаат за Траут

Но ако Мајк Траут е бејзбол-легенда, зошто толку малку луѓе знаат за него? Според „Кју скорс“, фирмата за истражување на пазарот, 22 отсто од американската јавност генерално знаат за Траут. Од друга страна, пак, за кошаркарската ѕвезда Стеф Кари и за НФЛ-играчот Дру Брис се запознаени над 50 насто. Дел од проблемот на Траут е тоа што бејзбол, и покрај тоа што е самопрогласен спорт за „американска разонода“, едноставно не произведува ѕвезди како американскиот фудбал и кошарка.

Дополнителен проблем е што тој игра за тим во Калифорнија, каде што повеќето мечеви почнуваат доцна во вечерните часови за гледачите од Источниот Брег. А Енџелс, иако е во областа на Лос Анџелес, отсекогаш бил помалиот брат на Лос Анџелес доџерс. Тимот го освои само првенството во 2002 година, и само еднаш играл во плејофот во кариерата на Траут. Во пост или плејоф-сезоната и, особено, светската серија, играчите можат да го привлечат вниманието на нацијата врз себе. Тоа е фаза што Траут едноставно немаше можност да ја ужива. Зошто Траут не е спортска ѕвезда, „вина“ има и тој, бидејќи го продолжи договорот за нови 12 години, без да го тестира пазарот за слободни играчи, каде што сигурно ќе имаше заинтересирано големи клубови од истокот, како што е Њујорк јенкис, неговиот омилен клуб од детството.


Играч со пет „алатки“

Постојат неколку начини да се процени колку е добар Мајк Траут. Првиот е да се наведат наградите и постигнувања. Тој двапати бил МВП (најкорисен играч) на олстар-мечевите, двапати МВП на сезоната и најдобар дебитант во 2012-та. Тој е шесткратен добитник на наградата за најдобар офанзивен централен играч. Друг начин да се процени Траут е да гледате како игра. Според скаутите на главната МБЛ-лига, постојат пет вештини или „алатки“ од суштинско значење за играње бејзбол. Тоа се брзината, силното удирање, конзистентното удирање, дефанзивните способности и силна рака. Траут е она што се нарекува играч со пет алатки, добар е во сè. За да се разбере целосно она што го прави Траут, треба да се навлезе длабоко во езотеричниот свет на бејзбол-статистиката, на начин што е различен од кој било друг спорт.

– Бејзбол-сезоната е долга и додека го гледате најдобриот играч, можеби нема да добиете чувство колку е тој добар. Вистинските вљубеници на оваа игра користат статистика за да добијат подобра перспектива за она што го гледаат и каде и како играчите се вклопуваат во големата шема на нештата – вели Џеј Џефе, спортски новинар и бејзбол-статистичар.

Еден од трендовските начини за мерење на способноста на играчот е преку т.н. „победи над замена“, или ПНЗ. Тоа е пресметка за нечиј придонес во тимот во споредба со она што би го направил некој просечен резервен играч. Се мери сѐ и сешто во текот на сезоната од 162 натпревари.

Мајк Траут е бог на ПНЗ, херој во сите статистички показатели. Некој со ПНЗ ниво пет игра на ниво на олстар-играч. Траут во просек има ПНЗ 9,1 во текот на седум сезони, а на четири бил најдобар. Вкупно во кариерата тој има 69,7 ПНЗ, што е втор ефект меѓу активните играчи, зад тимскиот колега Алберт Пујолс, кој игра 10 години повеќе од него. Врз основа на оваа метрика, Траут не само што е рангиран меѓу најголемите активни играчи туку е и меѓу најголемите на сите времиња.