Првенствата во сала би продолжиле да постојат, но таму каде што нема или има многу ограничени затворени капацитети, може да се одржат првенства на кратки патеки, што би било еквивалент на првенството во сала и може да се користи како квалификација за големите првенства во сала, пишува СА

НАМЕСТО ТЕРМИНОТ „ПРВЕНСТВА ВО САЛА“

Светската атлетика (СА) има намера да го воведе новиот термин „кратки патеки“ за да го замени сегашниот термин „во сала“ за опишување на настаните на патека од 200 метри, традиционално организирани во затворен простор, пишува СА. Светскиот атлетски совет го поддржува концептот на натпреварување на „кратки патеки“ за да се овозможи поголема флексибилност во поставувањето патеки од 200 метри, кои во иднина може да се градат на отворено или на привремени градски локации, наместо во традиционална затворена арена. Затоа, изведбите поставени на отворени или привремени патеки на 200 метри може да се препознаат како официјални резултати за рекорди и за рангирање.
Повеќе од 150 години, атлетиката е поделена помеѓу „надворешни“ натпреварувања, организирани на стандардна патека од 400 метри и „затворен“ натпревар, кој се развивал во студена клима за да им обезбеди на спортистите од тие земји затворено место, обично патека од 200 метри, за тренинзи и за натпревари во текот на зимската сезона. Бидејќи овие настани беа спроведени во различно опкружување, со затворен објект заштитен од какви било временски влијанија, СА и националните федерации отсекогаш одржувале посебни списоци на настани и резултати во сала и на отворено.
Меѓутоа, со доаѓањето на модерната атлетика и развојот на хибридни натпреварувачки места, како градски плоштади, трговски центри, железнички станици, станува сѐ потешко да се одржи одвојувањето помеѓу атлетиката на отворено и во затворено.

Во некои дисциплини одвојувањето е целосно елиминирано при поставувањето светски рекорди. Оваа еволуција ја поттикна СА да ги редефинира границите на атлетиката на отворено и во затворено, така што тие се однесуваат на објектот за натпреварување наместо со околината. Првенствата во сала би продолжиле да постојат, но таму каде што нема или има многу ограничени затворени капацитети може да се одржат првенства на кратки патеки, што би било еквивалент на првенството во сала, и може да се користат како квалификации за големите првенства во сала, пишува СА.
– Оваа промена е дизајнирана да ја отстрани ненамерната бариера за иновациите во натпреварувањето, нудејќи им на организаторите шанса да истражуваат решенија и можности што сегашните правила може да ги обесхрабрат. Според овој нов концепт, кратката патека од 200 м повеќе нема да биде ограничена на сала и ќе се отвори свет на можности за организаторите на митинзите да организираат официјален натпревар во какви било капацитети што ги имаат на располагање, внатре или на отворено, користејќи патека од 200 или од 400 м. Оваа промена ќе овозможи и активно ќе ја поттикне можноста патеките од 200 м да се преселат во надворешна средина и ќе обезбеди поприфатлива опција за градовите, особено каде што има недостиг од простор, истовремено стимулирајќи го растот на спортот преку инвестиции во нова инфраструктура – рече претседателот на СА, Себастијан Коу. Н.М.