Паскоска и Димитријоски со своите тренери во Сараево

На Европскиот куп работевме тимски со колегата Димитријоски, како во делот на мотивацијата така и во делот на анализата на противниците и стратегијата на борбата, што резултира со први медали за Македонија на Европскиот куп за оваа возрасна група, вели тренерот на Миоки и селектор на кадетската репрезентација на Македонија, Игор Паскоски

ЏУДО – ЕВРОПСКИ КУП ЗА ПИОНЕРИ И ПОМЛАДИ ПИОНЕРИ ВО САРАЕВО

Македонските џудо-надежи постигнаа огромен успех на Европскиот куп за пионери (до 15 години) и за помлади пионери (до 13 години), кој се одржа викендов во Сараево (БиХ). Боите на Македонија достојно ги бранеа четворица натпреварувачи, а освоени се три вредни медали. Во возрасната група пионери (до 46 кг), Марко Димитријоски (Пролетер) го освои сребрениот, а Емилија Паскоска (Миоки) бронзениот медал (до 44 кг). Во возрасната група помлади пионери, Џени Димитријоска (до 44 кг) освои бронзен медал, а Виктор Стојаноски се пласира на петтата позиција, и двајцата се членови на Пролетер.
– Ова беше прв настап на македонски џудисти на Европски куп за пионери и истиот тој беше повеќе од успешен. Двата освоени медала на Емилија Паскоска и на Марко Димитријоски во првиот натпреварувачки ден, само ги потврдија потенцијалот и квалитетот на нашите двајца учесници, кои докажаа дека го имаат нивото на европското џудо за таа возрасна група. Во вториот натпреварувачки ден следуваше уште еден медал, кој го освои Џени Димитријоска, а Виктор Стојаноски беше петти, со што македонското џудо забележа огромен успех. На Европскиот куп работевме тимски со колегата Димитријоски, како во делот на мотивацијата така и во делот на анализата на противниците и стратегијата на борбата, што резултира со први медали за Македонија на Европскиот куп за оваа возрасна група. Голема поддршка имавме од легендата на македонското џудо, тренерот Славе Димитријоски, кој го следеше настанот од трибините. Посебно сум среќен за медалот на Емилија, оти е прв за неа на едно вакво големо натпреварување, а го освои во многу драматични борби, и тоа на денот на нејзиниот роденден – изјави тренерот на Миоки и селектор на кадетската репрезентација на Македонија, Игор Паскоски.
На Европскиот куп во Сараево настапија 258 џудисти и 124 џудистки од 99 клуба од 17 држави.

Џени Димитријоска (втора од десно) со бронзениот медал/ Фото: Приватна архива

– Како селектор на пионерската репрезентација веќе долг временски период ја следам работата на Марко и на Емилија, кои неколку месеци интензивно се подготвуваа за овој натпревар. Постигнатиот успех не беше случаен, а на истиот тој му претходеа медали освоени на повеќе контролни натпревари. Она што треба да следува е инвестирање во нивната дополнителна надградба и инвестирање во учество на активности од ваков карактер. Џени и Виктор прикажаа одлични борби, кои резултираа со уште еден медал. Со колегата Паскоски од кандидатите за учество од клубовите Пролетер и Миоки, секој од својот клуб, ги одбравме исклучиво џудистите што беа подготвени да се замешаат во борбата за медали и истите тие го оправдаа изборот. Учеството беше реализирано на трошок на двата споменати клуба, но гордоста за постигнатиот резултат останува во најголема мера на Џудо-федерацијата на Македонија, која искрено се надевам дека ќе знае да ги вреднува овие медали, кои се први за Македонија на еден ваков силен натпревар – ни изјави тренерот на Пролетер и селектор на пионерската репрезентација на Македонија, Игор Димитријоски. Г.И.