Фото: Тенисворлд

Официјален Белград протестира, австралиските власти се бранат

Српското Министерство за надворешни работи синоќа испрати протестна нота до австралискиот амбасадор во Белград поради, како што се вели, несоодветниот третман на кој во Мелбурн е изложен најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ, соопшти министерството.

На деветкратниот победник на Австралија опен, кој на овогодинешниот турнир можеше да се натпреварува за рекордниот 21-ви гранслем трофеј, му беше одземена австралиската виза бидејќи, според властите, нема докази за вакцинација против ковид-19 или веродостојно медицинско изземање од вакцинација.

Откако Србинот пристигна во Австралија и не му беше одобрена визата, властите го сместија во хотел за мигранти во Мелбурн.

Адвокатите на Ѓоковиќ пред локалниот суд водат постапка за укинување на одлуката која, доколку биде потврдена, би значела депортација од Австралија за 33-годишниот тенисер.

Државниот секретар во српското министерство, Немања Старовиќ, на австралискиот амбасадор Даниел Емери му рекол дека Белград очекува лични напори од него за да му се дозволи на Ѓоковиќ да ја чека судската одлука во сместување кое одговара на спортист од неговиот ранг.

Србија не сака на кој било начин да влијае на одлуката на австралиското судство, но очекува извршните власти на земјата, во духот на добрите односи меѓу Австралија и Србија и во согласност со нивните надлежности, да му дозволат на Ѓоковиќ да го помине Божиќ во подобро сместување, се наведува во соопштението.

Официјален Белград посочува дека „во српската јавност постои силен впечаток дека Ѓоковиќ е жртва на политичката игра против негова волја“ и дека е „намамен да отпатува во Австралија за подоцна да биде понижен“.

„Ѓоковиќ не е криминалец, терорист или илегален мигрант, но тој беше третиран на таков начин од австралиските власти“, вели Старовиќ, додавајќи дека тоа „предизвикува разбирливо негодување“ на неговите обожаватели и граѓаните на Србија.

Австралиската министерка за внатрешни работи Карен Ендрјуз ги отфрли обвинувањата дека Ѓоковиќ е држен во „заробеништво“ во хотелот во Мелбурн, истакнувајќи дека водечкиот светски тенисер е слободен да ја напушти државата кога ќе посака.

Ендрјуз додаде дека ќе биде спроведена дополнителна истрага за преостанатите тенисери на кои им бил дозволен влез во Австралија врз основа на слични медицински исклучоци како во случајот на Ѓоковиќ. Таа ги отфрли тврдењата на семејството Ѓоковиќ дека австралиската влада го држи Новак во „заробеништво“.

– Ѓоковиќ не е држен во заробеништво во Австралија. Тој е слободен да ја напушти државата кога ќе посака и граничните служби всушност ќе му помогнат во тој случај – категорична е Ендрјуз.

Ѓоковиќ е сместен во хотел во Мелбурн додека ја чека судската одлука во врска со неговата виза, која се очекува да биде донесена до понеделник.