Фото: Маја Јаневска-Илиева

ОДБОЈКА – КУП НА МАКЕДОНИЈА

Први трофеи за Струмица и за УГД Штип

Одбојкарките на Струмица и одбојкарите на УГД Штип првпат триумфираа во Купот на Македонија, откако славеа во финалните дуели на завршните турнири што се одиграа во Штип.
Струмичанки со 3-0 (25-20, 25-12, 25-14) ја совладаа екипата на Јанта волеј од Скопје, која се бореше за вториот свој трофеј. Душка Здјелар, како и во полуфиналето, и во финалето беше најдобра поентерка кај струмичанки со 15 реализации, Шчекиќ имаше 12, а Добрина Хаџи-Тосева придодаде седум поени.
Во машкото финале УГД Штип првпат славеше во домашниот Куп совладувајќи ја по долга и неизвесна игра Струмица со 3-2 во сетови (22-25, 25-22, 19-25, 25-21, 15-13). Задмард со 26 и Стефан Алексов со 21 поен предничеа во победничкиот состав, а кај струмичани најефикасен беше Омхени со 28 поени. Г.И.


РАКОМЕТ – КУП НА МАКЕДОНИЈА

Познати се сите полуфиналисти во машка и во женска конкуренција

Откако се одиграа натпреварите во четвртфиналните групи од Купот на Македонија за годинава во ракомет, во женска и во машка конкуренција, познати се сите екипи што во мај ќе играат за трофеите во најмасовното клупско натпреварување.
Така, во женска конкуренција во полуфиналето се пласираа Куманово, Ѓорче Петров, Чаир и Вардар, а во машка конкуренција меѓу четирите најдобри се Тиквеш, Еурофарм Пелистер, Вардар и Алкалоид. Лански победници се Куманово за ракометарки и Вардар за ракометари.
Завршницата на Купот на Македонија за годинава е предвидено да се игра од 17 до 19 мај. Г.И.


Кол е 22-от фудбалер примен во Куќата на славните во Премиер-лигата

Поранешниот англиски репрезентативец Ешли Кол стана најновиот фудбалер примен во Куќата на славните во Премиер-лигата, пишува „Би-би-си“. Кол (43) ја освои титулата во Англија трипати, двапати со Арсенал и еднаш со Челси. Тој беше дел од тимот „Непобедливи“ на Арсенал во сезоната 2003/2004 и имаше вкупно 385 настапи во Премиер-лигата.
Поранешниот лев бек го имаше своето деби во Премиер-лигата во 2000 година, а неговиот последен настап во тоа натпреварување беше во 2014 година. Подоцна играше за Рома, ЛА галакси и за Дерби. Кол е 22-от фудбалер примен во Куќата на славните во Премиер-лигата.
– Поминав низ мојата кариера само обидувајќи се да дадам сѐ од себе и да бидам доволно добар. Како дете никогаш не сонуваш за ништо од ова и го правиш само поради љубовта на фудбалската игра. Играв за неколку фантастични клуба со неверојатни навивачи. Освојувањето трофеи со мојот клуб од детството Арсенал и со Челси се неверојатни спомени, кои секогаш ќе бидат со мене. Се приклучувам на Куќата на славните заедно со луѓе како Алан Ширер, Тиери Анри, Дидие Дрогба и Рио Фердинанд, имам привилегија да бидам во нивно друштво – изјави победникот во Лигата на шампионите со Челси.
Кол имаше 107 настапи за репрезентацијата на Англија и беше седумкратен победник на ФА-купот. Тој се повлече од играњето во 2019 година и стана тренер, пишува „Би-би-си“. Н.М.


ФУДБАЛ – СЕВЕРНА АМЕРИКА

Третпат триумф на САД во Лигата на нациите

Третпат по ред репрезентацијата на САД е победник на фудбалската Лига на нациите на Северна Америка, откако во финалето, одиграно во Арлингтон (САД), ја победи селекцијата на Мексико, со 2-0. Стрелци на головите беа Тајлер Адамс и Џовани Реина.
Ова беше трета сезона на Лигата на нациите на Северна Америка, а во претходните две САД славеа во финалните дуели со Мексико (3-2, сезона 2019/2020) и со Канада (2-0, сезона 2022/2023). Лигата на нациите е поделена на три лиги, А, Б и Ц, во секоја има по четири групи, а вкупно настапуваат 41 репрезентација. Н.М.