ШАХ – ТУРНИР НА ОСНОВНИТЕ УЧИЛИШТА ВО КИСЕЛА ВОДА
Најуспешни Кумевски, Стојчески, Димовска и Јанкова

Како дел од проектот „Шах во школите“, на кој веќе се работи активно во претходните две години, во организација на Шаховскиот сојуз на Град Скопје (ШСГС), во ОУ „Круме Кепески“ се одигра турнир за учениците од основните училишта во општината Кисела Вода. На турнирот играа 191 учесник од осум училишта, кои беа поделени во четири категории, момчиња и девојчиња од прво до петто одделение и момчиња и девојчиња од шесто до деветто одделение.
По пет одиграни кола, кај момчињата од прво до петто одделение (вкупно 99), победи Лука Кумевски со пет поени, колку што имаше и Дамјан Николовски, а трет беше Марко Митевски со 4,5 поени. Кај девојчињата (26), најдобра беше Јована Димовска со пет поени, втора заврши Дениција Ѓорѓиевска, а трета Евгенија Трајковска, и двете со по четири поени.
Кај момчињата од шесто до деветто одделение (55), прв е Александар Стојчески со пет поени, втор Андреј Божиноски, а трет Петар Ристевски, и двајцата со по 4,5 поени. Кај девојчињата (11), најдобра беше Андреја Јанкова со пет поени, пред Дејана Илиевска и Ива Кузмановска, и двете со по 3,5 поени. Се играше со темпо од 10 минути, плус две секунди за секој потег по играч, а тие шахисти/ки што имаа ист број на поени на врвот играа уште по една дополнителна партија за конечен победник (пет минути плус две секунди). Г.И.


РАКОМЕТ – ЛИГА НА ШАМПИОНИ
Унгарски дуел за место во четврт-финалето

Со одигрувањето на 14-то коло од групната фаза во ракометната Лига на шампионите (ЛШ), познати се сите осминафинални двојки, додека директен пласман во четврт-финалето обезбедија двете првопласирани екипи од групите А и Б, германски Кил и актуелниот европски првак Магдебург, потоа дански Алборг и шпанска Барселона.
Во осминафиналето силите ќе ги одмерат двата унгарски претставника Веспрем и Сегед (победникот ќе игра со Алборг), додека во преостанатите двомеча се среќаваат ПСЖ – Висла Плок (подобриот ќе игра со Барселона), Монпелје – Загреб (победникот ќе се сретне со Кил) и Киелце – ГОГ (поуспешниот ќе игра со Магдебург). Завршниот турнир е планиран на 8/9 јуни во „Ланксес арена“ во Келн.
Македонскиот претставник Еурофарм Пелистер го освои осмото место во групата А.
Табела, група А: Кил 22 бода, Алборг 19, ПСЖ 17, Киелце 16, Загреб 14, Сегед 13, Колштад 11, Еурофарм Пелистер 0.
Табела, група Б: Магдебург 24 бода, Барселона 22, Веспрем 20, Монпелје 14, ГОГ 13, Висла Плок 11, Порто 8, Целје 0. Г.И.


РАКОМЕТ
Познати се составите на кадетската и на младинската репрезентација за тест-мечевите пред ЕП

Селекторите на кадетската и на младинската репрезентација на Македонија, Наум Танески, односно Раде Стојановиќ, ги соопштија составите за пријателските ракометни мечеви со Црна Гора, односно со Хрватска, од 11 до 17 март, во рамките на претстојната недела на ЕХФ. Танески повика 21 ракометар и сите се од домашни клубови, за мечевите што се дел од подготовките за Европското првенство (ЕП) во Црна Гора годинава. Стојановиќ повика 18 ракометри, од кои двајца се интернационалци, Давид Брестовац (Котбус, Германија) и Стефан Атанасов (Копер, Словенија), за средбите во подготовките за ЕП во Словенија, годинава.
Состав, кадети: Голмани: Григор Трајковски, Иван Младенов. Леви крила: Марко Димовски, Марко Каевски, Виктор Панчевски. Леви бекови: Филип Насевски, Мики Лазов, Антонио Наковски. Средни бекови: Дамјан Митев, Филип Мечкароски, Марко Каракалашев, Марин Крстевски. Десни бекови: Александар Ристовски, Лука Ѓоргиески, Теодор Пецаноски. Десни крила: Јован Петрески, Мартин Иванов. Пикери: Александар Славков, Матеј Тевдовски, Филип Симоноски, Матеј Новаковски.
Состав, младинци: Голмани: Давид Брестовац, Благој Панов. Леви крила: Никола Ристески, Дамјан Субашевски, Марио Стојановски. Леви бекови: Тодор Узунчев, Давид Димевски, Антонио Николоски, Андреј Глигоров. Средни бекови: Славчо Шулески, Томислав Димковски, Мирче Калајџиески. Десни бекови: Кристијан Стаменковиќ, Димитар Узунчев. Десни крила: Ненад Белистојаноски, Стефан Атанасов. Пикери: Илија Чрчев, Дејан Михајловиќ. Г.И.