ФУДБАЛ

Мајорка по 21 година ќе игра во финалето на Купот на Шпанија

По повеќе од две децении, Мајорка ќе игра во финалето на фудбалскиот Куп на Шпанија. Мајорка, делумно во сопственост на тренерот на кошаркарскиот НБА-клуб Голден стејт, Стив Кер, и поранешниот НБА-великан, Стив Неш, го победи Сосиедад со 5-4 на пенали и се пласира во финалето, 21 година по триумфот во мечот за трофејот во ова натпреварување, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Мечот во регуларно време заврши со реми, 1-1, а тимовите одиграа без победник, 0-0, во првиот меч во Мајорка на 6 февруари. Мајорка ќе игра во финалето на 6 април во Севилја со Атлетико Мадрид или со Атлетик Билбао, кои денеска ќе го играат реваншот од другото полуфинале. Атлетик победи на првиот дуел со 1-0 во Мадрид. Тоа ќе биде четврто финале за Мајорка, која не го освои трофејот откако победи во финалето во 2003 година против Рекреативо Хуелва. Други финалиња на Мајорка беа во 1991 и во 1998 година. Н.М.


ФУДБАЛ

Европа ќе добие нов младински првак

Холандскиот АЗ нема да ја брани титулата во младинската лига на Европската фудбалска унија (УЕФА), откако загуби во осминафиналето за сезонава, од Порто, на пенали (4-3, по ремито 1-1). По мечевите во вторникот во четврт-финалето се пласираа и Копенхаген и Мајнц, а преостанатите дуели од осминафиналето на програмата беа вчера. Од првите три четвртфиналисти, Порто има една младинска титула, освоена во 2019 година, а од осминафиналистите што играа вчера, европски младински прваци досега беа и Салцбург и Реал Мадрид. Н.М.


ФУДБАЛ

Јон Дал Томасон е назначен за селектор на Шведска

Поранешниот фудбалски репрезентативец на Данска, Јон Дал Томасон, ќе биде првиот странец селектор на репрезентацијата на Шведска, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Томасон, кој неодамна ја напушти функцијата менаџер на англискиот второлигаш Блекбурн, ќе ја почне својата нова работа утре. Тој доаѓа на местото на Јане Андерсон, чиј седумгодишен мандат на чело на селекцијата на Шведска заврши во ноември, откако репрезентацијата не се пласира на годинашното Европско првенство, пишува АП. Томасон за Данска одигра 110 натпревари и постигна 52 гола. Тој играше за Милан, Херенвен, Њукасл, Феенорд, Штутгарт и за Вилјареал. Откако беше помошник-селектор во Данска, од 2016 до 2020 година, Томасон беше тренер на шведскиот клуб Малме, освојувајќи две титули во лигата, и го предводеше тимот во Лигата на шампионите, а потоа беше тренер на Блекбурн. Н.М.