Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во македонскиот парламент не поминаа предлог-измените на Законот за патните исправи

Во Собранието вчера не се изгласаа измените на Законот за патните исправи со кои ќе беше овозможено да им се продолжи важноста на патните исправи на граѓаните до крајот на тековнава година. Имено, за носењето на измените беа 46 пратеници, а 54 пратеници гласаа против.
Уште претходно, од владејачката партија го искажаа својот став дека нема да дадат поддршка, со образложение дека „тоа би било спротивно на Уставот со кој не може да се менуваат меѓународните договори, како што е преспанскиот“.
– Доколку се повикувате на членот 118 од Уставот, тој не се однесува за конкретниот предлог на закон, од причина што со овој закон не се менува меѓународниот договор туку се менува законот за патни исправи. Изговорот дека членот 118 се прекршува не ви држи, затоа што веќе е прекршен со донесувањето на измените на Законот за безбедност во сообраќајот, а од друга страна овој изговор нема никаква правна логика и писменост – изјави пратеникот Никола Мицевски.
Пратениците од ДУИ се држеа до аргументите на власта.
– Ние сме за почитување на меѓународните договори со закон, не може да се смени меѓународен договор со што во уште понепријатна ситуација ќе ги доведеме нашите граѓани, ако за ситни политички поени би гласале за такво нешто. А пак до крајот на денот ќе создадеме дополнителни проблеми за нашите граѓани. Затоа не можеме да поддржиме – изјави Арбер Адеми од ДУИ.
Од друга страна, пратениците од албанската опозиција го поддржаа предлогот да се продолжат роковите на важење на патните исправи за граѓаните.
– Оваа влада покажа дека не беше на ниво на задачата и остави голем број граѓани внатре во државата и надвор со големи проблеми без вина на граѓаните и затоа, секое решение што оди во прилог и во интерес на граѓаните ние ќе придонесеме – изјави Изет Меџити.
Пратеникот Антонијо Милошоски по неизгласувањето на законот изјави дека на цедило се ставени 600.000 македонски државјани на кои им е нарушено правото на слободно движење.
– На голем дел од граѓаните со ова им се загрозени нивните работни дозволи во странство, документите за постојан престој, како и лекувањето или образованието надвор од Македонија. Им благодариме на колегите пратеници Бејџан Илјаз, Мирослав Јовановиќ, Павле Трајанов, Африм Гаши, Фадил Зендели, Изет Меџити, Сафие Шаини, Мерита Коџаџику и Муса Ибраими, кои гласаа „за“ и потребата на државјаните ја ставија пред ситнопартиските калкулации на власта – изјави пратеникот Милошоски.
Дополнување на Законот за патни исправи предложија и од ЛДП. Патните исправи да важат до истекот на нивниот рок ако во нив има печат со новото уставно име. Кога овој предлог ќе се најде пред пратениците засега не е познато.
Во пресрет на вчерашната собраниска седница, Делегацијата на ЕУ во земјава порача дека е важно Македонија да продолжи да ги почитува меѓународните договори, вклучувајќи ги и заложбите поврзани со замена на патните исправи, содржани во Преспанскиот договор.
Според нив, признавањето на патните исправи со старото уставно име на државата е работа на секоја држава поединечно. П.Р.