Фото: Маја Јаневска-Илиева

Уставниот суд на вчерашната седница донесе одлука со која се укинува делот „националност“ во Законот за матична евиденција. Уставниот суд оценил дека барањето на овој податок при впишување во матичните книги е во спротивност со темелната вредност за слободно изразување на националноста. Судот ја донел одлуката тргнувајќи и од фактот што станува збор за приватно и внатрешно чувство на човекот

Уставниот суд го укина делот „националност“ во Законот за матична евиденција:

Уставните судии ја донесоа оваа одлука во рамките на предметот оформен по иницијативата поднесена од политичка партија Левица, во која се оспорени членот 4 став 1 точка 2 во делот „националност“, членот 11 став 1 точка 1 во делот „националностa“ и членот 13 став 1 точка 1 во делот „националноста“ од Законот за матична евиденција.
Уставниот суд на 20 декември 2023 година поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот за матична евиденција, бидејќи основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.
Според судот, изјаснувањето за националната припадност не е должност, туку можност (незадолжителен податок), со што граѓаните се лишени од правото и да не се изјаснат за својата национална припадност, за што судот оцени за согласноста на оспорените делови содржани во одредбите на законот со члеот 8, став 1, алинеја 2, од Уставот за слободно изразување на националната припадност, како темелна вредност на уставниот поредок што го вклучува правото на лицето да ја изрази, но и да не ја изрази националната припадност.
– Исто така, оспорените делови на одредбите од Законот за матичната евиденција, за изјаснување на граѓаните за сопствената национална идентификација, без можност за избор да се изјаснат или не, но и да го променат изјаснувањето, неоспорно навлегува и во сферата на човековата приватност и личен живот, со што и од овој аспект судот оцени за согласноста на оспорените делови од законските одредби со членот 25 од Уставот – се наведува во образложението од Уставниот суд.
Инаку, Законот за матична евиденција, кој го разгледуваше Уставниот суд и од кој укина делови од три члена во однос на националноста, е донесен во 1995 година.
Претходно во септември лани, во посебна постапка по сопствена иницијатива, Уставниот суд го поништи упатството за водење матични книги, со кое се воведе графа националност во изводите за матична евиденција. Причината поради која судот го поништи актот беше пречекорувањето на уставниот рок од седум дена во кој Министерството за правда требало да го достави упатството до „Службен весник“.
Упатството за матичните книги, во кое беше додадена графата за националност, беше донесено од министерот за правда Кренар Лога на 29 мај минатата година. Актот беше објавен во „Службен весник“ на 15 јуни, односно 17 дена од неговото усвојување, или поконкретно – 10 дена од истекот на законскиот рок за оваа процедура. Судот и во овој предмет донесе привремена мерка со која го стави надвор од употреба упатството на Лога додека не се донесе конечна одлука за предметот. П.Р.