ФУДБАЛ

Бенфика води на листата со најпрофитабилни клупски академии во светот

Фудбалската опсерваторија на Интернационалниот центар за спортски студии (ЦИЕС) ги претстави стоте клуба со најпрофитабилните академии во светот во однос на приходите генерирани во претходните десет години од трансфери на фудбалери што поминале во соодветниот клуб најмалку три сезони на возраст од 15 до 21 година.
Португалска Бенфика е во водство со 516 милиони евра, од кои две третини се собрани во претходните пет години, пишува ЦИЕС на својата интернет-страница. Ајакс (376 милиони евра) и Лион (370 милиони евра) го комплетираат подиумот.
Како и во случајот со Бенфика, најголемиот дел приходи на Ајакс од Холандија од трансфери на фудбалери од неговата академија се остварени во претходните пет години (66 насто), а тој процент е помал кај Лион од Франција (50 отсто).
Во првите 10 се и три англиски клуба (Челси, Тотенхем и Манчестер сити), вториот португалски тим (Спортинг), како и Реал Мадрид од Шпанија (четврто место), Монако од Франција (шесто) и италијанска Аталанта (десетта), а надвор од Европа, клубови со најпрофитабилни академии се бразилски Фламенго (тринаесетти) и аргентинска Ривер Плата (четиринаесетта), пишува ЦИЕС. Н.М.


ФУДБАЛ

Повреди во Премиер-лигата сезонава

Њукасл, Брентфорд и Брајтон сезонава имаа повреди на фудбалери повеќе од кој било друг клуб од англиската Премиер-лига, пишува „Скај спорт“. Њукасл загуби 892 дена поради повреди од почетокот на сезоната на 11 август, според податоците на „Премиер повреди“, Брентфорд е втор на оваа листа со 873 загубени дена, а потоа следуваат Брајтон (772 дена), Шефилд јунајтед (754), Челси (730), Манчестер јунајтед (710) и Тотенхем (625), пишува „Скај спорт“.
На другиот крај од листата, Вест хем досега загуби само 200 дена, а потоа се Вулверхемптон (290), Бурнмаут (362), Евертон (380) и Манчестер сити (445)… Сите податоци се до 8 јануари годинава.
Њукасл претрпе 24 одделни повреди, Брајтон и Манчестер јунајтед по 23 повреди, а Челси, Кристал палас и Тотенхем имаа 20 или повеќе повреди во овој период. Како што беше случајот со изгубените денови, Вест хем имаше најмалку, само 10 повреди во текот на сезонава, а Вулверхемптон (11) и Бурнемаут (12) исто така беа меѓу клубовите со најмалку повреди сезонава, пишува „Скај спорт“. Н.М.


ТЕНИС

АТП и ВТА воведуваат правила за да се спречат доцни завршници на мечевите

Воведени се нови правила што треба да спречат тениските мечеви да се играат по 23 часот и на АТП и на ВТА-турнеите, пишува „Би-би-си“. Турнеите најавија дека не треба да се закажуваат повеќе од пет дуела дневно на секој терен. Тоа е обид да се намалат честите доцни завршувања на средбите, за кои од турнеите велат дека „негативно влијаат на играчите и на гледачите“. Сепак, ќе биде дозволено да се игра по 23 часот, ако биде одобрено од супервизорот на турнирот, пишува „Би-би-си“. Турнеите исто така препорачаа ноќните сесии да почнат најдоцна до 19.30 часот, а идеално е еден час порано. Правилата ќе бидат пробни годинава, а дополнителен преглед ќе има на крајот на годината.
Гранслем-турнирите имаат свои правила и, во обид да се избегне повторување на завршувањето на мечот Енди Мареј – Танаси Кокинакис во 4.05 часот лани, Австралија опен го промени својот распоред, пишува „Би-би-си“. Ноќната сесија ќе почнува во 19 часот, но ќе се играат само два меча на главните терени попладне за да се овозможи ноќната сесија да почне навреме.
Мечеви во доцните вечерни часови долго време беа предмет на критики од играчите, Мареј по дуелот од пет часа и 45 минути рече дека доцниот завршеток е „фарса“, а светскиот рекет број три, Џесика Пегула, која е членка на советот на играчи на ВТА, рече дека е „смешно да се бара од луѓето да бидат таму во тоа време“, вклучувајќи гледачи, медиуми и деца што собираат топчиња, пишува „Би-би-си“.
Вимблдон е единствениот гранслем-турнир со полициски час, бидејќи натпреварите се прекинуваат во 23 часот. Н.М.


АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СВЕТСКИ КУП

Следуваат спуст-трките во Венген и во Кицбил

Со денешниот спуст во швајцарскиот Венген, кој се одржува како замена за откажаната трка во Бивер Крик (САД), почнува серијата на неколку од престижните брзински трки што ќе се возат во Венген и во австриски Кицбил, во Светскиот куп (СК) во алпско скијање. Така, утре е и супервелеслаломот, потоа е новиот редовен спуст, а в недела и слаломот во Венген.
Патеката за спуст во Венген е најдолгата во Светскиот куп (4.480 м), на која се вози од 1930 година, тоа е најстарата активна спуст-трка и дел од најстариот скијачки натпревар во светот.
Потоа на програмата се уште два спуста и еден слалом во Кицбил, од 19 до 21 јануари. Во Кицбил се одржуваат трки од 1937 година, а со 50.000 присутни околу патеката Штрајф тоа е веројатно најпосетуваниот скијачки настан секоја година. Н.М.