Фото: Архива на „Нова Македонија“

Македонската репрезентација досега на европските првенства оствари осум победи, шест ремија и 23 порази, најмногу победи впиша во 2012 година, порази во 1998-та и ремија во 2016 година, вкупно постигна 905 гола, најчесто има играно со Чешка, Швајцарија ќе биде 20-та репрезентација со која Македонија ќе игра натпревар на ЕП…

РАКОМЕТ

Македонската машка ракометна репрезентација со мечот во Диселдорф го почна осмиот настап на европските првенства, на кои најдобриот пласман го оствари во 2012 година (петто место). Македонските ракометари на Европското првенство (ЕП) во Германија се во мошне квалитетната група А, заедно со домаќинот Германија, олимпискиот првак Франција и со Швајцарија, а првата средба беше закажана за вчера, и тоа со Франција во Диселдорф, со што ѝ припадна честа и да го отвори ЕП 2024. Вториот дуел е со Германија в недела (20.30 ч.), а третиот е со Швајцарија (двата меча во Берлин) во вторник (18 ч.).
Црвено-жолтите својот прв настап н ЕП го имаа во Италија во 1998 година (12-то место), потоа следуваа настапите на ЕП во Србија во 2012-та (петто место), во Данска во 2014-та (10), во Полска во 2016-та (11), во Хрватска во 2018-та (11), во Австрија, Норвешка и во Шведска во 2020-та (15) и во Унгарија и во Словачка во 2022 година (22).
Македонија досега на европските првенства оствари осум победи, шест нерешени резултати и 23 порази. Најмногу победи (четири) впиша на ЕП 2012, порази на ЕП 1998 (пет) и ремија на ЕП 2016 (две).
Првото коло Македонија го почна со победа на две европски првенства, во 2018 година (со Словенија) и во 2020 година (со Украина), со реми во 2012 година (со Шведска), а со пораз почна четири континентални првенства, во 1998-та (од Унгарија), 2014-та (од Србија), 2016-та (од Франција) и во 2022 година (од Словенија).
Македонија на европските шампионати, не сметајќи го вчерашниот дуел со Франција, досега одиграла вкупно 37 натпревари против 19 репрезентации. Најчест ривал ѝ била Чешка (пет пати), натпревар помалку играла со Данска, по трипати силите ги одмерила со Словенија и со Шпанија, по двапати се сретнала со Унгарија, Хрватска, Германија, Полска, Србија, Австрија и со Црна Гора, а по еден меч со Русија, Италија, Шведска, Исланд, Франција, Норвешка, Белорусија и со Украина. Швајцарија ќе биде 20-та репрезентација со која Македонија ќе игра натпревар на ЕП.
Македонија на европските првенства (не сметајќи го вчерашниот резултат со Франција) на 37 средби постигна вкупно 905 гола (просек од 24,46 по меч), а прими 1.026 погодока (просек од 27,73), најголемата вкупна позитивна гол-разлика (10 гола) ја оствари на ЕП 2012… Г.И.


ДЕНЕСКА НА ЕП 2024

ГРУПА Д
Словенија – Ф. Острови 18 ч.
Норвешка – Полска 20.30 ч.
ГРУПА Е
Холандија – Грузија 18 ч.
Шведска – БиХ 20.30 ч.
ГРУПА Ф
Португалија – Грција 18 ч.
Данска – Чешка 20.30 ч.