КОШАРКА – НБА
Рекорди на Јокиќ, Џејмс и на Детроит

Кошаркарот на Денвер Никола Јокиќ продолжува да одушевува со својата игра, но и поставување нови рекорди во НБА-лигата. Тој постави нов рекорд на дуелот со Бруклин (122-117), кога впиша 11 скока, и на тој начин стана најдобар „скокач“ во историјата на Денвер. Тој успеа да го помине Ден Ајсел на вечната листа во Денвер и сега има вкупно 6.631 скок, еден повеќе од поранешниот играч на Денвер.
Нов личен рекорд постави и Леброн Џејмс, откако во победата на Лос Анџелес лејкерс над Оклахома (129-120) го забележа 75-от натпревар со уфрлени 40 поени во својата кариера.
– Секогаш е убаво чувството да знам дека можам да излезам на теренот и да имам победнички меч, дека можам да влијаам на играта на повеќе начини и да можам да направам пресврт кога тоа му е потребно на нашиот тим – рече Џејмс.
Детроит, пак, продолжува со поразите и веќе стигна до 26-от во низа, со што го израмни негативниот рекорд по бројот на порази, откако загуби на гостувањето кај Бруклин (115-126). Детроит сега го дели рекордот со Кливленд (сезона 2010/2011) и со Филаделфија (сезона 2013/2014), која, пак, го држи и рекордот од 28 порази во низа, но во текот на две сезони (2014/2015 и 2015/2016). Г.И.


ШАХ
ФИДЕ ѝ се приклучи на Глобалната федерација за е-спорт

Меѓународната шаховска федерација (ФИДЕ) стана членка на Глобалната федерација за е-спорт (ГЕФ), при што Дана Реизниеце-Озола, заменик-претседателка на Управниот одбор (УО) на ФИДЕ, беше избрана во Одборот на ГЕФ. Мисијата на ГЕФ е обединување на е-спортските субјекти и настани на глобално ниво. Препознавајќи ја важноста од прифаќање на новите форми на шах, онлајн обука, натпревари и градење заедница, ФИДЕ се обиде да ги продлабочи своите врски со светот на е-спортот, пишува ФИДЕ на својата интернет-страница.
Тоа следува по успешната соработка на почетокот на годинава, каде што шахот учествуваше во серијата олимписки е-спортови во 2023 година, привлекувајќи 42.000 учесници од 219 држави за време на квалификациските фази за шаховското натпреварување.
Со здружување со ГЕФ, ФИДЕ има цел да создаде посилни врски со заедницата за е-спорт. Тоа вклучува развој на иновативни форми на натпреварување, споделување експертиза со засегнатите страни во е-спортот при организирање настани и поттикнување и унапредување на шахот во е-спортскиот пејзаж, пишува ФИДЕ. Г.И.