АЛПСКО СКИЈАЊЕ
Марко Одермат убедливо го освои своето трето светско злато
Марко Одермат од Швајцарија забележа убедлива победа во супервелеслаломската трка вчера на Светското првенство (СП) во алпско скијање во Залбах (Австрија) и со тоа го освои својот трет златен медал на мундијалите.
На второто место во супервелеслаломската трка се пласира Австриецот Рафаел Хасер со една секунда побавно време од Одермат, а бронзата ја освои Адриан Смисет Сејерстед од Норвешка, со 1,15 секунда заостаток зад победникот. Хасер освои бронза во алпска комбинација на минатиот планетарен шампионат, во 2023 година, во Куршевел (Франција).
Одермат на СП 2023 победи во спуст и во велеслалом, а на Зимските олимписки игри во 2022 година во Пекинг (Кина) во велеслалом. Тој е актуелен победник на Светскиот куп (СК), во кој победи и во 2022 и во 2023 година, потоа е шампион од лани во дисциплините спуст, супервелеслалом и велеслалом, а е и во водство сезонава во сите тие четири конкуренции во Светскиот куп.
На 48-от шампионат во алпско скијање по три трки (претходно се возеа супервелеслалом за жени и мешаниот тимски паралелен велеслалом) на врвот на табелата со освоени медали се Италија, Австрија и Швајцарија со по едно злато и сребро, потоа е Норвешка со две бронзи, а по еден бронзен медал освоија Шведска и САД. На СП 2025 викендов на програмата се трките во спуст (денеска скијачки, утре скијачи). Н.М.
КОШАРКА
Сениорките со меч со Украина ги заокружуваат квалификациите за ЕП
Женската кошаркарска репрезентација на Македонија го доживеа и петтиот пораз во групата Г, од Србија на гости, со 60-105, во квалификациите за 40. Европско првенство (ЕП) годинава, кое првпат ќе се одржи во четири држави: Чешка, Германија, Италија и Грција. За македонската репрезентација во листата на стрелците се запишаа Анџелика Митрашиновиќ со 17 поени, Александра Стојановска 16, Илина Селцова и Мерит Хемпе по 10, Матеа Николиќ четири поени, а три постигна Катерина Поп-Димитровска. Во вториот натпревар од оваа група, Португалија дома ја совлада Украина со 60-57. Утре (19 ч.) Македонија ќе го одигра последниот натпревар во својата група, со Украина, во Рига (Летонија), а утре ќе играат и Португалија и Србија. По пет кола, Србија има 10 бода, Португалија девет, Украина шест, Македонија пет. На ЕП 2025 директно се пласираа домаќините на шампионатот, а низ квалификациите место ќе обезбедат првопласираните во осумте групи и четирите најдобри второпласирани селекции. Г.И.
КОШАРКА – НБА-ЛИГА
Гилџес-Александер се приклучи на елитна листа ефикасни играчи
Канаѓанецот Шаи Гилџес-Александер постигна 50 поени во победата на Оклахома на дуелот со Феникс со 140-109 во кошаркарската НБА-лига и стана деветтиот играч во историјата на НБА што постигнал најмалку 50 поени во три или повеќе наврати во период од седум натпревари, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). На листата се наоѓаат и Мајкл Џордан, Карим Абдул-Џабар, Коби Брајант, Вилт Чембрлен и Елгин Бејлор.
Гилџес-Александер го отфрли тоа кога го прашаа што значи да им се придружи на тие играчи.
– Тие момци направија многу големи работи. Многу сум далеку од тоа. Добро е, но не мислам премногу на тоа. Најважно е да знам дека станувам подобар низ овој процес – рече тој, пренесе СП.
Тој постигна рекордни во кариерата 54 поени во победата на дуелот со Јута на 22 јануари и 52 три натпревари подоцна, во поразот од Голден стејт. Тој го нарече својот успех нуспроизвод на поголема цел. Оклахома го има најдобриот резултат во лигата со 40 победи и девет порази и игра за титулата во НБА, откако лани стигна до полуфиналето на Западната конференција, пишува АП. Н.М.