Фото: „Нова Македонија“

РАКОМЕТ – ЕП ЗА КАДЕТИ
Совладана Украина

Македонската ракометна кадетска репрезентација (до 18 години) ја оствари првата победа со 26-21, откако ја совлада Украина во првиот меч од разигрувањето за пласман од 17-то до 24-то место на Европското првенство за кадети (ЕП), кое се одржува во Подгорица, Црна Гора.
Првото полувреме заврши без предност за некоја од селекциите (10-10). Сепак, македонските ракометари беа поубедливи во вториот дел и на крајот славеа со 21-26. Самоил Ристевски со осум погодоци беше најефикасен во македонските редови, додека кај ривалот Максим Павловскиј и Вадим Оскилко постигнаа по шест погодоци.
Македонските кадети ги очекуваат уште два меча, и тоа против Грција, кој по распоредот требаше да се игра вчера, а утре против Италија. Првите две селекции во групата ќе обезбедат опстанок во елитното друштво. Г.И.


КОШАРКА – ЕП ЗА КАДЕТИ, ДИВИЗИЈА Б

Македонија загуби од Естонија

Машката кадетска репрезентација на Македонија (до 16 години) загуби од Естонија со 57-76 на Европското првенство (ЕП), дивизија Б, кое се одржува во Скопје. Ова е прв пораз на црвено-жолтите во нивната група по двете победи.
– Естонија физички доминираше во текот на натпреварот. Постигнаа дури 20 поени од т.н. втора шанса, а ние повторно имавме проблем со скок-играта. Но, нема простор за разочарување, нашите мисли се насочени кон следниот меч. Евентуален триумф на Естонија над Шведска ќе нѐ стави во позиција сами да решаваме за нашата судбина – вели македонскиот селектор Александар Јованчев.
Со оваа победа Естонија изби на лидерската позиција со шест бода и е единствена непоразена со максимални три победи, додека Македонија со две победи и еден пораз е третопласирана, со ист ефект како Шведска, која е на втората позиција. Вчера македонските кошаркари играа со Австрија, која е последна во групата Д. За пласман во четврт-финалето на македонските кадети неопходна им беше победа над Австрија, но и Естонците да ја совладаат Шведска, по што Естонија ќе биде прва, а Македонија втора во групата. На ЕП играат 22 репрезентации поделени во четири групи. Првопласираните две од секоја група обезбедуваат пласман во четврт-финалето по првата фаза. Г.И.