ТЕНИС – ВТА-ЛИСТА
Голем напредок на Ѓорческа, сега е 196-та во светот
Лина Ѓорческа напредуваше за 23 места и од вчера е 196-та тенисерка во светот на ранг-листата на Женската тениска асоцијација (ВТА). Нејзиниот највисок пласман досега е 170-то место од јуни 2017 година, а во ноември лани беше на 178-то место. Напредокот на листата се должи и на пласманот во полуфиналето на турнирот во Португалија (тврда подлога), со што освои 39 рејтинг-поени, според податоците на ВТА. Н.М.
ОДБОЈКА – ПРЕД КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2026
Македонија ја победи Црна Гора во вториот тест-меч
Македонската одбојкарска репрезентација забележа победа по почетниот пораз во тест-средбите на гости со Црна Гора, викендов. Во првата средба победи Црна Гора со 3-1 (31-29, 25-22, 22-25, 25-20), а во вториот дуел со истиот резултат славеше Македонија (23-25, 25-23, 25-23, 25-22).
Тоа беа првите пријателски средби по подготовките во Маврово, во пресрет на почетокот на квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2026 година, во кои ќе игра со Грузија на гости, на 17 август, а потоа и со Грција, дома, на 25 август. По овие два меча, квалификациите продолжуваат во август в година. Првопласираните репрезентации од секоја од седумте квалификациски групи ќе настапат на ЕП 2026, како и најдобрите пет меѓу второпласираните.
Македонија е во низа од три настапи на континенталните првенства, откако играше на шампионатите одржани во 2019, 2021 и во 2023 година. На 34-то ЕП во 2026 година директен пласман обезбедија домаќините, Италија, Бугарија, Финска и Романија, како и осум селекции според пласманот на ЕП 2023, Полска, Словенија, Франција, Холандија, Србија, Украина, Германија и Португалија. Во подготвителниот период следуваат тест-натпревари и во Швајцарија, потоа е турнирот „Чајка“ дома, со уште два противника, а ќе има и дополнителен двомеч на домашен терен, информира Одбојкарската федерација на Македонија. Н.М.