Фото: Маја Јаневска-Илиева

Полуфиналист е и Франција, а синоќа се играа уште два четвртфинални натпревара, Полска – Србија и Италија – Холандија

ОДБОЈКА

Одбојкарските репрезентации на Словенија и на Франција први се пласираа меѓу најдобрите четири селекции на 33. Европско првенство (ЕП). Словенија третпат во низа и четврти пат вкупно е полуфиналист на европските првенства, откако во четврт-финалето на годинашниот континентален шампионат ја победи Украина со 3-1. Во полуфиналето е и Франција, 11-ти пат вкупно, по победата на дуелот со Романија, со 3-0.
Синоќа беа одредени другите полуфиналисти на ЕП 2023, по натпреварите Италија – Холандија (победникот во полуфиналето ќе игра со Франција) и Полска – Србија (победникот ќе се сретне со Словенија во меч за пласман во финалето). Титулата европски првак ја брани Италија.
Годинашното ЕП се игра во четири земји, групната фаза се одвиваше во Македонија, Италија, Бугарија и во Израел, осминафиналињата и четвртфиналните дуели во Италија и во Бугарија, а полуфиналињата и мечевите за медали на програмата се од утре во Рим (Италија). Македонија на ЕП 2023 во конкуренција на 24 репрезентации го освои 16-то место, што е најголем успех досега, на нејзиното трето учество на континенталните шампионати. Во 2019 година црвено-жолтите беа 17-ти, а во 2021 година 23-ти. Г.И.