Ќе има две поединечни натпреварувања и едно во двојки. Секој тим ќе се состои од еден шахист со над 2.650 рејтинг-поени (во класичен шах) во отворениот дел и една шахистка со над 2.350 поени во женскиот дел. Поединечните медали ќе се решаваат низ плејофот во секоја секција, а медалистите за комбинирани двојки, пак, ќе се одредуваат според конечната позиција на играчите на секоја екипа по плејофот во секоја секција

Шахот како придружен настан ќе го има својот прв настап на третите Европски игри (ЕИ), годинава во полскиот град Краков (од 21 јуни до 2 јули), што, секако, претставува револуционерен чекор за древната игра. Можеби ова ќе претставува и потстрек повеќе, играта на 64-те полиња да стане составен дел и на олимписките игри, летни или зимски.
Европската шаховска унија (ЕКУ) обезбеди ново специјално натпреварување, Европско првенство (ЕП) во брз шах во двојки (темпото на игра е три минути, плус две секунди по секој потег), кое ќе се одржи на 19 јуни годинава во Краков. Поканети се осум репрезентации (членки на ЕКУ), според најдоброкомбинираната двојка според рејтингот во класичен шах, според листата на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) од март 2023 година, а тоа се Украина, Азербејџан, Франција, Полска, Романија, Германија, Ерменија и Холандија.
Секој тим ќе се состои од еден шахист со рејтинг од над 2.650 поени (рејтинг во класичен шах) во отворениот дел и една шахистка со над 2.350 поени во женскиот дел, како и еден претставник, односно капитен на екипите.
И двете натпреварувања ќе се состојат од две фази, квалификации (турнир со осум селекции) и плејоф (нокаут-систем со четири најдоброрангирани репрезентации од квалификациската фаза). Шампионатот е организиран од Малополската и Шлезиската шаховска асоцијација под покровителство на ЕКУ и на Полската шаховска федерација, а со поддршка на ФИДЕ, пишува „Чесбејс“.
Поединечните медали ќе се решаваат низ плејофот во секоја секција. Медалистите за комбинирани двојки, пак, се одредуваат според конечната позиција на играчите на секоја екипа по плејофот во секоја секција, односно збирот на поени (за прво место осум поена, за второ седум…). Во случај на нерешен резултат помеѓу две екипи, критериум за одредување на пласманот е збирот на поените во отворениот и во женскиот дел за време на квалификациската рунда.
Најдобрите во отвореното, женското и во комбинација ќе добијат златни, сребрени и бронзени медали, исто како медалите што ќе се доделат на Европските игри во другите спортови.
Најдобрата европска двојка ќе ја добие титулата европски шампион во блиц-шах за 2023 година.
Првите две изданија на Европските игри се одржаа во Баку во 2015 година и во Минск во 2019 година. На Европските игри во Краков треба да настапат 50 држави, кои ќе се натпреваруваат во 26 спорта. Г.И.