Со злато се закити Емилија Паскоска во возрасната категорија до 13 години

ЏУДО – КУП „БУДО НОРД“ ВО ШВЕДСКА

Џудо-клубот Миоки од Скопје имаше успешен настап на купот „Будо Норд“, кој се одржа во шведскиот град Лунд, во два натпреварувачки дена, освојувајќи вкупно седум медали (едно злато, три сребра и три бронзи). По два медала освоија Емилија Паскоска, Георгина Блажеска и Азра Заими. Паскоска во возрасната категорија до 13 години (тежинска категорија до 40 кг) освои злато (четири борби), а до 15 години сребро (пет борби). Блажеска во возрасната категорија до 18 години (до 44 кг) сребро (три борби), а и до 21 година исто така сребро (две борби). Заими освои две бронзи, во возрасната категорија до 18 години (четири борби) и до 21 година (четири борби). Со бронзен медал се закити и џудистот Марко Панчевски, во возрасната категорија до 15 години (до 60 кг), борејќи се четири пати.
Првиот ден одличен настап имаше Ива Богдановска, која со две победи и два пораза се позиционира на седмото место. Вториот ден, пак, одличен настап повторно имаше Ива Богдановска (до 21 год.), која со три победи и два пораза заврши на седмото место, како и Петар Давчев (до 15 год.), кој со две победи и два пораза го освои петото место.
– Изминатиот викенд наведените џудисти учествуваа и на тренинг-кампот Луги, исто така во шведскиот град Лунд. Тимот на овие настапи го предводеше тренерот Игор Паскоски – информира претставникот на клубот Миоки, Владимир Крстев. Г.И.