Се надеваме дека Романов ќе биде одлично засилување за македонскиот шах и со своето искуство и знаење ќе придонесе за подобар развој на македонските млади таленти, информираат од ШФМ
ШАХ
Од вчера македонската шаховска рејтинг листа (ФИДЕ) е збогатена со ново силно шаховско име, кое ќе ги брани и репрезентативните бои на Македонија. Станува збор за 35-годишниот руско-норвешки велемајстор (ВМ) Евгени Романов (рејтинг 2.477 поени), 252. во светот од активните шахисти. Највисокиот рејтинг го постигнал во јуни 2013 година (2.662), ВМ е од 2007 година. Романов им е добро познат на љубителите на шахот во Македонија оти победи на ланскиот турнир „Опен Скопје“. Освои бронза на Европското првенство (ЕП) во 2013 година, а играл и на Светскиот куп во 2011 и во 2013 година. Победник е на повеќе силни меѓународни турнири. Бил тренер на норвешкиот машки тим на Шаховската олимпијада (ШО) во 2014 година и на германскиот машки тим на ШО 2016. Носител е на бронза на ШО 2018 и на сребро на екипното ЕП 2019 како тренер на грузискиот женски тим. Во 1998 година ги освои руските и светските младински шампионати во категоријата до 10 години, а беше прв на ЕП 2000 за млади до 12 години и до 14 години во 2002.
– Истакнатиот руско-норвешки велемајстор Евгени Романов и шаховски тренер на повеќе шаховски генерации, меѓу кои на Норвешка, Грузија и на Германија, како и на голем број млади талентирани шаховски ВМ, меѓу кои е и Јагиз Кан од Турција, кој на само 13 години се очекува ФИДЕ да му ја потврди ВМ-титула на наредниот Совет на ФИДЕ, е дел од македонската рејтинг-листа на ФИДЕ. Се надеваме дека Романов ќе биде одлично засилување за македонскиот шах и со своето искуство и знаење ќе придонесе за подобар развој на македонските млади таленти – информираат од ШФМ.
На овој потег, секако најмногу се израдува селекторот на македонската репрезентација ИМ, Атанас Кизов, оти Романов ќе ги брани боите на Македонија на ШО во Будимпешта (Унгарија).
– Потегот на ШФМ е добар во смисла нашите млади шахисти да имаат од кого да учат. Не сум имал можност во живо да го гледам Романов, ама од тоа малку што сум го видел, се работи за млад, амбициозен и силен шахист. Да, тој ќе игра на првата табла за репрезентацијата и ќе биде засилување со оглед на тоа што немавме шахист од таа класа на ШО за челна табла. Со репрезентацијата треба да одржиме камп, но засега точно не се знае терминот, треба да се усогласи терминот со обврските на сите играчи – вели Кизов. Г.И.
СОСТАВИ НА МАКЕДОНИЈАЗА ШО 2024
МАЖИ
ВМ Евгени Романов
ИМ Тони Лазов
ИМ Емил Ристески
ИМ Никола Николовски
ФМ Антон Златков
Селектор: ИМ Атанас Кизов
ЖЕНИ
ЖФМ Моника Стојковска
Ивана Манова
Моника Жежовска
Сања Трајковска
Леа Ефтовска
Селектор: ФМ Љубиша Андоновски