Таа загуби од Ализ Корне (3-6, 3-6) и им се придружи на Светлана Кузњецова, освојувачка на турнирот во 2004-та, и на Германката Анџелик Кербер, шампионка во 2016 година, кои беа поразени во првата рунда

ТЕНИС – САД ОПЕН

Лошо прво коло и елиминација на неколку фаворитки на гранслем-турнирот во Њујорк. Настапот на САД опен прерано го заврши ланската шампионка, Британката Ема Радукану (19), која во првата рунда беше поразена во два сета (3-6, 3-6) од Французинката Ализ Корне. Со тоа Радукану стана третата бранителка на титулата на САД опен што е елиминирана во првото коло. Другите две бранителки што пребрзо си заминаа дома од САД опен беа Русинката Светлана Кузњецова, освојувачка на турнирот во 2004-та, и Германката Анџелик Кербер, шампионка во 2016 година.
– Разочарувачки, тажно ќе заминам одовде, од мојот веројатно најомилен турнир. Но којзнае, на некој начин, ова е и добро оти ќе треба да стартувам речиси од почеток. Ќе паднам на ранг-листата, но планирам наскоро да се вратам во многу подобро издание – изјави Радукану, која загуби 16 од 29-те меча годинава.
Корне (32), која е на 40-то место на светската ранг-листа, на Вимблдон ја прекина победничката серија од 37 меча на светскиот рекет број 1, Ига Швјатек од Полска, и стигна до четврт-финалето на Австралија опен на почетокот од годинава, која може да биде нејзина последна како професионалка. Пласманот меѓу осумте во Мелбурн е нејзин најголем успех на гранслем-турнирите.
Уште една поранешна шампионка во Њујорк, во 2018 и 2020-та, Јапонката Наоми Осака беше елиминирана во првата рунда, во два сета, од вицешампионката на Австралија опен, Американката Даниеле Колинс (6-7 и 3-6). Осака, поранешна тенисерка број 1 во светот, беше елиминирана во првото коло и на Ролан Гарос годинава.
За уште едно изненадување во првото коло се погрижи квалификантката, младата Французинка Клара Барнел (21), која ја елиминира шампионката од Вимблдон, Елена Рибакина, Русинка со пасош на Казахстан, 6-4-6-4.
Првата рунда на турнирот во Њујорк не ја мина ниту ветеранката, 42-годишната Венус Вилијамс, која загуби од Белгијката Алисон ван Утванк (1-6, 6-7).
За Венус Вилијамс, финалистката од 1997 година како тинејџерка и шампионка од 2000 и 2001 година, ова беше 23-ти настап во Њујорк и рекорден 91. настап на голем турнир. Таа останува на турнирот, во конкуренција на двојки, со нејзината сестра Серена. Л.Д.