Премиер-лигата се подготвува да ја следи УЕФА и да воведе нови рестрикции во врска со потрошувачката, според кои клубовите ќе можат да потрошат најмногу 70 отсто од приходите

ФУДБАЛ – ВО ПРЕМИЕР-ЛИГАТА

Клубовите од англиската Премиер-лига во иднина би можеле да се соочат со построги ограничувања кога станува збор за трошењето. Премиер-лигата се подготвува да ја следи Европската фудбалска унија (УЕФА) и да воведе нови рестрикции во врска со трошоците за трансфери и за плати, пишува „Телеграф“.
Тој систем ќе биде сличен на оној на УЕФА што допрва треба да биде верификуван и ќе важи за сите клубови, а според кој тие ќе можат да потрошат најмногу 70 отсто од приходите. Такво ограничување би било воведено првпат и сигурно ќе влијае врз ограничувањата на загубите со кои ќе се соочат клубовите во текот на три години.
Извори блиски на „Телеграф“ велат дека е поверојатно дека ќе се договори поголем процент во Англија од оној на УЕФА, за да се осигури дека клубовите со помали стадиони, како што е на пример Борнмут, нема да бидат погодени. УЕФА ги одобри новите финансиски регулативи во април како замена на финансискиот ферплеј-систем (ФФП), кој беше воведен во 2010 година. Огромното трошење на врвните европски клубови последниве години го поткопа тој систем, кој наводно беше воведен за да се создаде пофер „поле за игра“. Но тоа не профункционира најдобро, за што сведочи и бројката од над 1,5 милијарда фунти (1,74 милијарда) потрошени за трансфери на клубовите од Премиер-лигата летово (преодниот рок завршува денеска).

Новиот систем на УЕФА се нарекува Регулативи за финансиска одржливост и лиценцирање клубови (ФОКЛР). УЕФА вели дека клубовите што ќе ги прекршат новите правила ќе бидат предмет на „претходно дефинирани финансиски казни и спортски мерки“. Од УЕФА додаваат и дека ќе го воведат новиот лимит, првично со 90 проценти, од календарската 2023 година. Системот за добивка и одржливост на Премиер-лигата дозволува загуби од 105 милиони фунти (122 милиони евра) во текот на три години, за секој клуб.
УЕФА истакнува дека нејзиниот нов систем „значително ги зајакнал“ барањата за подобрување на билансите и за намалување на долговите. Друга разлика помеѓу ФФП и ФОКЛР е во „фер вредноста“ и трансакциите меѓу поврзаните страни. Старите правила велат дека само трансакциите меѓу директно поврзаните страни мора да бидат вреднувани. Според новите правила, сите трансакции ќе мора да бидат објективно вреднувани.
– УЕФА заеднички работеше со засегнатите страни за да ги развие новите мерки и да му помогне на европскиот фудбал да се справи со новите предизвици, да го заштити фудбалот, да го подготви за идните шокови, да дозволи рационални инвестиции и да изгради поодржлива иднина за играта – вели претседателот на УЕФА, Александер Чеферин. Л.Д.