Македонските „Костури“ зад себе имаат два меѓународни турнири во Бугарија. И на двата имаа одличен резултат од 4-0 до финалето, крунисан со убедливи победи, но два пати не успеаја да ја прескокнат последната пречка и мораа да се задоволат со сребрени медали. Следниот голем проект и предизвик за екипата е меѓународниот турнир „Адриа боул“, кој ќе се одржи во хрватскиот Ровињ
Се почнало во 2018 година кога петмина ентузијасти од Куманово – Дамјан Костадинов, Дамјан Ефремовски, Бојан Стојановиќ, Перица Митревски и Иван Јакимовски со собрале околу една нивна заедничка љубов – американскиот фудбал, односно неговата флаг верзија. По четири години егзибициски натпревари и тренинзи решиле и да го официјализираат нивниот клуб. Денес тоа се Костури (Спортско здружение клуб на американски фудбал КУМАНОВО КОСТУРИ 2022, Kumanovo Skeletons), единствениот македонски флаг фудбалски клуб во Македонија. Во моментов имаат 13 членови, иако за нешто повеќе од четири години, колку што редовно играат американски фудбал, на терените со нив поминале над 40 луѓе, на возраст од 15 до 32 години. И освен од Куманово, каде што е формиран клубот, имаат и тројца членови од Скопје.
И играчи, и организатори и тактичари…
Целата екипа е постојано активна со еден заеднички тренинг неделно и со уште неколку тренинзи на помали групи. Не се откажуваат и покрај тоа што во Македонија нема друг клуб од овој спорт, а со тоа ни лига, а се натпреваруваат само на меѓународни турнири, каде ја претставуваат Македонија. Не ги поколебува ниту тоа што ги немаат сите потрбни услови за тренинзи, особено во зимскиот период кога поради ниските температури тренираат „на затворено“, во балони за мал фудбал, каде што димензиите на теренот се помали од тоа што е потребно во нивниот спорт.
13-те членови, освен што играат флаг фудбал, ги организираат тренинзите и ја креираат тактиката, ги водат и најголемиот дел од „неспортските“ клупски активности – од формирањето на здружението, маркетингот, финансирањето… Претседател на клубот е Иван Јакимовски.
Името според историско обележје на Куманово
Костурите своето име го добиле по еден од најголемите историски обележја на нивниот град- спомен Костурницата. Добиле вербална согласност од Општина Куманово да ги користат новоизградените терени кои се наоѓаат во состав на комплексот. Сепак, претставници од екипата велат дека подлогата е под секое ниво и доколку се одлучат да го користат тој терен, ризикуваат посериозни повреди.
Што е американски флаг фудбал
Костурите во моментов ја практикуваат т.н. бесконтактна верзија на американскиот фудбал, наречена флаг фудбал. Флаг фудбалот го смислиле американските војници во текот на Втората светска војна, за да можат да го играат својот омилен спорт, а при тоа да избегнат повреди, бидејќи контактната верзија на американскиот фудбал е многу груб спорт.
– Оттаму доаѓа инклузивноста на флаг фудбалот. Милиони фанови на американскиот фудбал со различен пол, со секакви физички предиспозиции и почнувајќи уште од најмала возраст, можат да играат верзија на спортот што го сакаат, при тоа со минимален физички контакт и минимални шанси за посериозни повреди. Овој спорт е еден од најбрзорастечките во светот, неговата промоција е спонзорирана од американската национална фудбалска лига (НФЛ), која што само лани вложила околу една милијарда долари, со цел што повеќе луѓе да се запознаат со флаг фудбалот и да станат дел од него. Во 2028-та година во Лос Анџелес, флаг фудбалот се очекува за прв пат да биде дел од Летните олимписки игри – велат Костурите.
Без домашна лига, само на меѓународни турнири
Македонските Костури зад себе имаат два меѓународни турнири во Бугарија. И на двата имаа одличен резултат од 4-0 до финалето, крунисан со убедливи победи, но два пати не успеаја да ја прескокнат последната пречка и мораа да се задоволат со сребрени медали. Следниот голем проект и предизвик за екипата е меѓународниот турнир „Адриа боул“, кој ќе се одржи во хрватскиот Ровињ од 14-ти до 17-ти април. Таму како учесници до сега се објавени екипи од осум европски земји, а организациски овој турнир важи за еден од најдобрите во Европа.
Во Хрватска против најдобрите од Европа
– Во Ровињ ќе се сретнеме со доста сериозни екипи, па затоа нашите очекувања ги држиме прилично ниско. Но и самото учество на овој турнир ќе биде голем успех. Подготовките ни течат прилично успешно и ќе се потрудиме да бидеме незгоден противник за некои од најдобрите европски флаг фудбал екипи – велат Костурите.
За учество на овој турнир им се потребни и финансиски поддржувачи. Финансиери имале, но економската криза си го направила своето, па сега повторно им треба ваква поткрепа. Нсспроти финансиската, моралната поддршка од нивните сограѓани не недостасува. Кумановци се постојано на нивните тренинзи и подготовки кои се интензивираат како се приближува турнирот во април. Велат – Од Ровињ ќе се вратиме со кренати глави.
Фото: Костури