МАРАТОНСКО ПЛИВАЊЕ

Македонскиот пливачки маратонец на отворени води, Евгениј Поп Ацев, стана дел од меѓународната „Куќа на славните“ во маратонско пливање (ИМСХОФ), како почесен пливач во класата 2024 година. Тоа, секако, претставува големо признание за Поп Ацев и за Македонија, оти влегува во друштво со најдобрите во историјата на маратонското пливање.
– Голема чест и привилегија е да се биде во „Куќата на славните“ на маратонското пливање, меѓу најголемите имиња во историјата на светското пливање. Особено сум среќен и горд што правејќи го она што најмногу го сакам и пливајќи за Македонија, придонесов и оставив белег во светот на маратонското пливање. Многу сум благодарен за номинацијата, за изборот и за големото признание од една ваква голема светска организација, како и на сите што беа дел од мојата пливачка кариера и ме поддржуваа во минатите 20 години – не го криеше своето задоволство Поп Ацев. Г.И.