Сотир Трајкоски, Весна Трајковска-Стерјов и Мартин Стефановски (од лево кон десно) со медалите освоени во Белград/Фото: Приватна архива

Македонските пливачи Сотир Трајкоски, Мартин Стефановски и Весна Трајковска-Стерјов обезбедија норма за учество на Светското првенство во мастерс пливање во Јапонија

Сотир Трајкоски (37) забележа пливачки подвиг што му дава прилика да се бори за остварување на својот сон за освојување медал на Светското првенство во мастерс пливање што ќе се одржи во Јапонија во август. Тој неодамна обезбеди учество на глобалното натпреварување преку остварена мастерс-норма (за пливачи над 25 години) на меѓународен митинг во Белград, каде што победи во дисциплината 50 метри делфин (во конкуренција од 35 до 39 години) со резултат од 28,1 секунди. Неговиот успех е уште поимпресивен, земајќи предвид дека во последен час одлучил да настапи во Белград, а претходно бил без учество во натпреварувачка трка 18 години. Заедно со Трајкоски, пласман во Јапонија обезбедија и Мартин Стефановски во 50 метри крал и Весна Трајковска-Стерјов во 50 метри градно.

Одличјето освоено во Белград

– На митингот „11 април“ во Белград освоив злато во дисциплината 50 метри делфин со време конкурентно за медал на големите натпреварувања, со што преку мастерс-норма изборив учество на Светското првенство во Јапонија. Учеството ми беше сосема непланирано. Носевме деца на натпревар во Белград, па уште претходно и ние тренерите се пријавивме за натпреварување, ако евентуално решиме да пливаме. Имавме околу половина час до почеток на натпреварувањето кое се одржуваше на друга локација во Белград, кога решивме да пливаме. Моравме да брзаме и стигнавме на базенот на 10 минути до почеток на натпреварувањето. Јас, речиси без загревање, настапив веднаш на првата трка. Сите тројца од Македонија освоивме злато и се пласиравме на Светското првенство. До натпреварувањето во Белград бев 18 години без учество на трка, но едноставно ми легна таа средина и успеав да победам убедливо. Сѐ беше како на филм. Сите победивме убедливо. И Стефановски и Трајковска-Стерјов се успешни пливачи со силно реноме и искусни тренери – објаснува Трајкоски, кој во изминатите 15 години работи како пливачки тренер и моментно е во пливачкиот клуб Аква про.

Искусниот пливач со бројни пехари, медали и постигнувања во кариерата, очекува успешен настап во Јапонија, истакнувајќи ги амбициите да освои одличје на глобалното натпреварување.

– Очекувам да се борам за медал на Светското првенство. Сон ми е да освојам медал и да остварам спортска пензија. Имам интуиција дека ќе забележам успешен настап. Подготовките главно опфаќаат суви тренинзи, надвор од базенот, односно повеќе физички вежби, а помалку пливање. Трката се базира на брзина и експлозивност, што не се постигнува со многу пливање. Имам богато искуство како тренер и очекувам тоа да ми биде од голема корист – вели Трајкоски.

 

Фото: Приватна архива

Тој заедно со останатите македонски пливачи кои обезбедија мастерс-норма за Светското првенство, сега се во потрага по спонзори, со цел да соберат средства за да одат во Земјата на Изгрејсонцето.

– Се надеваме дека ќе најдеме спонзори бидејќи за учеството на сите тројца потребни ни се вкупно десет илјади евра. Таа сума ги покрива патните трошоци, подготовките, сместувањето и набавката на потребните суплементи. Досега имаме одредени ветувања, но времето изминува, бидејќи имаме рок да го пријавиме учеството до 25 јуни, до кога треба да ги имаме обезбедено средствата – посочува Трајкоски.

Фото: Приватна архива

Македонските претставници имаат и дополнителен мотив за успех во Јапонија, забележувајќи дека нивните резултати претставуваат потстрек за децата со кои работат.

– Нашиот успех претставува и значителна мотивација за децата што ги тренираме, кои и самите добија желба да работат уште понапорно и да постигнат добри резултати кога видоа како испливавме. Требаше да видите како реагираа децата и каков пречек ни приредија во хотелот во кој бевме сместени во Белград, по нашите трки – наведува Трајкоски.

Светското првенство во мастерс-пливање ќе се одржи во Јапонија од 2 до 11 август. М.Ж.

Фото: Приватна архива