Петрушев победи пред Рибарски и Ѓорѓевиќ, во женска конкуренција победи Релиа, во дисциплината кану Ц-1 најдобар резултат постигна Захос… На годинашниов ИКАС имаше 80 натпреварувачи од Македонија, Србија, БиХ, Романија, Турција и од Грција
КАЈАК – ИКАС 2024
Членот на ККК Вардар од Велес, Ангел Петрушев победи на традиционалниот меѓународен илинденски кајак-слалом ИКАС 2024, кој во организација на Кајакарската федерација на Македонија и Градскиот кајакарски сојуз, како технички организатор, по 55-ти пат се одржа на Матка, крај Скопје.
Петрушев триумфира во дисциплината К1-слалом (со време 104,33 секунди), пред Стефан Рибарски од ККК Вардар Велес (105,27), а третото место му припадна на Србинот Марко Ѓорѓевиќ (105,86). Од преостанатите македонски натпреварувачи во финалето во оваа дисциплина, Кристијан Смилев ја освои петтата, Александар Златаров осмата, а Борче Мирчевски 11-та позиција.
Во женска конкуренција победи Горгиа Релиа од Грција (189,07 секунди), втора беше Македонката Марија Пановска, а трета Елиф Цејлин од Турција.
Во дисциплината кану Ц-1 најдобар резултат постигна Гркот Јанис Захос (119,15), пред сонародникот Киријакис Дерматис (126,53) и Мустафа Парлак (126,53) од Турција.
На годинашниов ИКАС имаше 80 натпреварувачи од шест држави (Македонија, Србија, БиХ, Романија, Турција и Грција).
Во минатата година во дисциплината Ц1-кану победи Александар Куликов од Казахстан, Македонецот Роберт Папазов од ККК Бабуна помина осми низ целта, а настапија вкупно околу 150 натпреварувачи од Македонија, Казахстан, Србија, Хрватска, Турција, Грција, БиХ и од Косово. Г.И.