Фото: Маја Јаневска-Илиева

Италијанскиот стручњак има и најмногу победи, 114. Девет тренери имаат трицифрен број мечеви во ЛШ, а само тројца имаат барем 100 победи

ФУДБАЛ

Со денешните први четвртфинални натпревари, Арсенал – Баерн и Реал Мадрид – Манчестер сити (двата од 21 часот), почнува разврската во фудбалската Лига на шампионите на патот кон финалето што треба да се игра во Лондон.
Реал Мадрид и Манчестер сити во нокаут-фаза на ова натпреварување ќе се сретнат четврти пат во претходните пет сезони, а тоа ќе биде и дуел на трофејни тренери, Карло Анчелоти (четири европски титули, рекорд) и Пеп Гвардиола (трипати континентален првак).
На денешната средба Анчелоти ќе стане првиот тренер со 200 натпревари во Лигата на шампионите (од сезоната 1992/1993), а италијанскиот стручњак е водечки и во категоријата за најмногу победи во елитното натпреварување, со 114 триумфи, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).
Девет тренери имаат трицифрен број мечеви како кормилари во Лигата на шампионите, и тоа Анчелоти 199, Алекс Фергусон 190, Арсен Венгер 178, Гвардиола 167, Жозе Мурињо 145, Мирчеа Луческу 115, Диего Симеоне 101, Масимилијано Алегри и Јирген Клоп по 100, пишува УЕФА. Само тројца имаат барем 100 победи, и тоа, покрај Анчелоти, уште и Гвардиола, со 109, и Алекс Фергусон, со 102 победи.
Во вториот дуел вечерва водечкиот во англиската Премиер-лига, Арсенал, кој е четвртфиналист првпат по 2010 година, го пречекува Баерн, кој, пак, рекорден 22. пат е меѓу најдобрите тимови во Европа откако ова натпреварување се игра под името Лига на шампионите (на оваа листа втор е Реал Мадрид со 20), пишува УЕФА. Утре се и дуелите Атлетико Мадрид – Борусија Дортмунд и Пари сен Жермен – Барселона. Н.М.


ЛШ, ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ

Арсенал – Баерн 21 ч.
Реал М. – Манчестер С. 21 ч.
Атлетико М. – Борусија Д. утре
ПСЖ – Барселона утре
реваншите се идната недела