Фото: ЕПА

ХОКЕЈ НА МРАЗ

Легендата на англискиот фудбалски премиерлигаш Челси, Петр Чех, дебитираше за тимот во хокеј на мраз во Елитната лига на Велика Британија, Белфаст џајантс, во победата со 5-1 на дуелот со Глазгов. Тој настапи на мечот пред полна сала со над 6.000 гледачи, пишува „Би-би-си“.
Поранешниот голман на англиските Челси и Арсенал, победник во Лигата на шампионите со Челси, сега игра во Елитната лига за бранителот на тројната круна, Белфаст џајантс, како позајмен од Оксфорд сити старс, тим од Националната лига во хокеј на мраз, едно ниво под Елитната лига. Тој претходно бранеше за Гилфорд и за Челмсфорд.
Чех има неколку рекорди во фудбалската Премиер-лига, како, на пример, тој за најмалку настапи потребни за да се постигнат 100 меча без примен гол (по 180 натпревари), потоа за најмногу средби без примен гол во една сезона (24), рекордот за најмногу вкупно такви натпревари без затресена мрежа (202)… Н.М.