ПРВО ШАХОВСКО ПРВЕНСТВО НА СКОПЈЕ ЗА ВЕТЕРАНИ
Зоран Костадиновски (1.926 рејтинг-поени), Жарко Селковски (1.968), Блаже Атанасовски (1.752), Емил Крстев (1.953) и Миле Трајковски (1.976) имаат по 2,5 поени по трите одиграни кола на првото Шаховско првенство на Скопје за ветерани, кое го организира здружението „Шаховски клуб на ветерани Скопје 72“, во соработка со Спортската федерација на слепи и слабовидни лица, а по повод 50 години од Шаховската олимпијада (ШО) во Скопје во 1972 година. Првите тројца на табелата се токму од Спортската федерација на слепи и слабовидни лица и наедно репрезентативци на Македонија.
Во почетокот на турнирот им беа доделени благодарници за афирмација на шахот во Македонија на легендите на македонскиот шах, трикратниот првак на Македонија во 50-тите години на минатиот век, Благоја Сотировски-Џагуре, на ИМ Димитар Илиевски, на Борче Илиевски (благодарницата ја прими неговиот брат, Димитар) и на Ристо Кизов (благодарницата ја прими неговиот син, Владимир Кизов).
На турнирот играат 20 шахисти од кои тројца се ФИДЕ-мајстори (ФМ), во седум кола со класично темпо на размислување, во просториите на Сојузот на слепи и слабовидни лица. Наградниот фонд изнесува 31.000 денари, поделен на пет награди, а победникот ќе добие 10.000. Првопласираните тројца шахисти, освен парични награди, ќе добијат и плакети: златна, сребрена и бронзена.
Резултати 3. коло: Костадиновски – Селковски реми, ФМ Кралевски – Атанасовски 0-1, Крстев – ФМ Илиќ 1-0, Бранковиќ – Трајковски 0-1, Стошевски – Јовановски 1-0, Сурловски – ФМ Хаџи-Манев 1-0, Ајрула – Голубовиќ 0-1, Цветковски – Јаневски реми, Топалов – Ивановски 0-1, Габеров слободен, Николов неспарен. Г.И.