Се натпреваруваа околу 300 џудисти од 11 до 15 години, од 30 клуба од осум земји

ЏУДО – МЕЃУНАРОДЕН ТУРНИР „ПРИЛЕП ГРАД ХЕРОЈ 2024“

Во организација на прилепскиот џудо-клуб Сеишин Прилеп, а со поддршка на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), во спортската сала при СОУ „Ристе Ристески-Ричко“ во Прилеп, се одржа 14. меѓународен турнир во џудо „Прилеп град херој 2024“ – Цевитана-куп, на кој вкупен победник е Олимп од Тбилиси (Грузија).
На турнирот се натпреваруваа околу 300 џудисти во категориите деца (до 11 години), помлади пионери/ки (до 13 г.) и пионери/ки (до 15 г.), од 30 клуба од Грузија, Шкотска, Кипар, Србија, Албанија, Грција, Бугарија и од Македонија. Турнирот го отвори Влатко Петкоски, член на Советот на Општина Прилеп, а присутните ги поздрави Павле Бајчетиќ (осми дан) од Нови Сад (Србија).
Натпреварите се одвиваа според сите технички услови, на четири борилишта, а членовите на судиската и натпреварувачката комисија беа на висина на својата задача. Најуспешни клубови по возрасни категории и добитници на пехари се: деца, момчиња, Олимп (Грузија), деца, девојчиња Сеишин (Македонија), помлади пионери Олимп (Грузија), помлади пионерки Ипон Пирот (Србија), пионери Олимп Грузија, пионерки Илиополис Атина (Грција). Вкупен победник е Олимп.
Особен придонес со својата посета на овој турнир дадоа специјалните гости и истакнати џудисти, своевремено шампиони, спортски работници и носители на највисоки медали во џудо-спортот од Србија, Павле Бајчетиќ (осми дан), Славко Станишиќ (осми дан), актуелен и петкратен светски шампион за ветерани, Љубомир Станишиќ (седми дан), Павле Буљчик (трети дан), Зоран Манчев…
– Џудо-клубот Сеишин од Прилеп е задоволен од целокупната организација и им се заблагодарува на сите што помогнаа за годинашната организација, на целиот тим за логистика и поддршка, како и на сите присутни гости, клубови, натпреварувачи и, секако, на публиката – велат од клубот Сеишин, организатор на овој традиционален турнир. Г.И.