Почнав да учам шах од четири години… Поминав 26 години играјќи, анализирајќи, обидувајќи се да ги подобрам моите шаховски способности на многу различни начини. Мислам дека направив сѐ. Понекогаш мислев дека сум зависник од шах, бидејќи понекогаш без турнири не бев толку среќен. Понекогаш се борев да најдам други хобија за да ме усреќат. Овој натпревар ја отсликува длабочината на мојата душа, изјави Динг, пренесува ФИДЕ

ШАХ

Динг Лирен испиша историја со тоа што стана 17-от светски шампион на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) во шах, победувајќи го Јан Непомнијашчи во последната партија од дополнителните партии, т.н. тај-брејк, пишува ФИДЕ.
Во тај-брејкот се играа четири партии со забрзано темпо (временска контрола од по 25 минути, плус зголемување од по 10 секунди за секој играч по секој потег, ако немаше победник ќе следуваа блиц-партии со уште пократка временска контрола), а вкупно Лирен победи со 2,5-1,5. Претходно по 14 партии во класичен шах резултатот беше нерешен, 7-7 (и Кинезот Лирен и Русинот Непомнијашчи забележаа по три победи, а осум партии завршија со реми).
На прес-конференцијата по годинашниот натпревар за светски шаховски првак, Лирен рече дека сака да им ја посвети победата на своите пријатели, мајка и дедо, пренесува ФИДЕ.
– Почнав да учам шах од четири години… Поминав 26 години играјќи, анализирајќи, обидувајќи се да ги подобрам моите шаховски способности на многу различни начини, со многу нови начини на тренирање. Мислам дека направив сѐ. Понекогаш мислев дека сум зависник од шах, бидејќи понекогаш без турнири не бев толку среќен. Понекогаш се борев да најдам други хобија за да ме усреќат. Овој натпревар ја отсликува длабочината на мојата душа – изјави новиот светски шампион Лирен, пренесува ФИДЕ. Н.М.