ФИС
Комитетот за скијачки скокови предложи измени на некои правила за Светскиот куп во идната сезона, на состанокот во Порторож (Словенија), пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Така, по успешното воведување на 3Д-скенерот за мерење на телото лани, сега се прави следниот чекор, чипови во костимите за скокање. Секој костим што се користи за натпревар треба да биде означен со неколку чипа и на секој дел ќе има чип со сопствена идентификација за да може да се идентификуваат сите делови од костимот, пишува ФИС. Со тоа ќе се намали и бројот на костимите по спортист, и тоа две по спортист по настан (по едно за натпревар и за квалификации). Друга предложена измена е да се доделуваат повеќе поени за слетувања изведени со т.н. телемарк, па судиите ќе одземаат три поени (претходно два) ако спортистот не изведе доскок со телемарк, пишува ФИС.
Предлог за измени има и во алпското скијање, па така, од новата сезона задолжителни треба да бидат воздушните перничиња во трките во спуст и во супервелеслалом, и тоа во Светскиот куп, на светските првенства и на Зимските олимписки игри. Воздушните перничиња се покажаа како важна мерка за зголемување на безбедноста на спортистите во брзи трки, пишува ФИС. Првично развиен за мотоциклисти, дизајнот беше приспособен да функционира за скијачите, а систем од сензори со три брзиномери и три жироскопи во комуникација со ГПС 1.000 пати во секунда одредуваат кога скијачот паѓа и го активира воздушното перниче, пишува ФИС. Сите промени треба да бидат потврдени од Советот на ФИС. Н.М.