Швјонтек (21) во финалето на САД опен ја победи Жобер (6-2 и 7-6) и го освои третиот гранслем-турнир во кариерата. Таа е втората тенисерка во т.н. опен ера што победила на првите три големи финалиња без загубен сет, ги доби претходните девет финалиња на тој начин и не е поразена во меч за титула од 17-та година

ТЕНИС – САД ОПЕН

Ига Швјонтек од Полска верува дека само „небото е граница“ за неа по освојувањето на третата тениска гранслем-титула во кариерата, на САД опен, победувајќи ја во финалето Онс Жобер од Тунис со 6-2 и 7-6. Швјонтек, која претходно двапати победи на Ролан Гарос, во 2020 и годинава, е првата по Серена Вилијамс во 2013-та, што победува на Ролан Гарос и во Њујорк во иста година, и првата, повторно по Вилијамс во 2014 година, која победила на седум турнири во една сезона.
Швјонтек (21) е втората тенисерка во т.н. опен ера (од 1968 година), по Американката Линдзи Девенпорт, која победила на првите три големи финалиња без загубен сет. Таа е и најмладата тенисерка со три гранслем-титули по Русинката Марија Шарапова во 2008 година. За Швјонтек, светската тенисерка број 1, годинашната успешна сезона вклучуваше серија од 37 победи по ред. Таа ги доби претходните девет финалиња без загубен сет, почнувајќи од првата голема победа на Ролан Гарос во 2020 година. Швјонтек, чија омилена подлога е земјената, вели дека фактот што успеала да триумфира во Њујорк ја покажува психолошката сила во нејзината игра.
– Во почетокот на сезоната сфатив дека можам да забележам добри резултати. Се пласирав во полуфиналето на Австралија опен, но не бев сигурна дали сум на потребното ниво за да победам на гранслем-турнир, особено на САД опен каде што подлогата е многу брза. Такво нешто не очекував. Но тоа е потврда за мене дека „небото е граница“. Горда сум, по малку изненадена, но среќна што успеав да победам. Најмногу сум горда на фактот што психолошки не поткленувам во важни моменти. Горда сум што имам многу повеќе решенија и опции на теренот отколку порано, како тениски така и психолошки – изјави Швјонтек, која не е поразена во финале од 17-та година. Л.Д.