АТЛЕТИКА – НА МАРАТОНОТ ВО БЕРЛИН

Кениецот Елиуд Кипчоге (37) го собори сопствениот светски рекорд во маратон, забележувајќи време од 2:01:09 часа. Претходните осум светски рекорди за мажи се поставени на маратонот во Берлин, од 2003 година до сега. Кај жените, во Берлин победи Етиопјанката Тигист Асефа, со време од 2:15:37 часа, трето најбрзо време во историјата на женските маратони

Двојниот олимписки шампион, Кениецот Елиуд Кипчоге (37), го собори сопствениот светски рекорд во маратон на трката во Берлин, забележувајќи време од 2:01:09 часа, побрзо 30 секунди од неговиот најдобар резултат, поставен пред четири години, исто така, на маратонска трка во главниот град на Германија. Претходните осум светски рекорди се поставени на маратонот во Берлин, од 2003 година до сега.
Кипчоге, кој во Берлин ја забележа 15-та победа на 17-те маратони во кариерата, на половината од патеката изгледаше дека ќе стане првиот тркач што официјално ја соборил границата под два часа, но во вториот дел од патеката беше побавен.
Во Виена (Австрија) во 2019 година, тој стана првиот атлетичар што ја истрчал делницата од 42,195 км за помалку од два часа (1:59:40 час), но тоа не беше признаено како официјален светски рекорд во маратон, бидејќи не беше на отворен натпревар и бидејќи беше користен тим од ротирачки пејсмејкери (одржувачи на темпото).

За Кипчоге ова беше четврта победа во Берлин, со што се израмни со етиопскиот великан Хаиле Гебрселасие. Негова цел е да настапи на Летните олимписки игри во 2024 година и да се обиде да стане првиот што победил на три олимписки маратони. Тој има 10 победи на шесте најголеми светски маратони во светот, во Берлин, Лондон (по четири пати), Токио и Чикаго (по еднаш), Бостон и во Њујорк.
Кај жените, на маратонската трка во Берлин победи Етиопјанката Тигист Асефа со време од 2:15:37 часа, подобро за 18 минути од нејзиниот личен рекорд, а резултатот од Берлин е и трето најбрзо време во историјата на женските маратони. Само Бриџид Косгеи (2:14:14 во Чикаго во 2019 година) и Пола Редклиф (2:15:25 во Лондон, во 2003 година) побрзо од неа ја истрчале оваа делница.   Л.Д.


„Спортот ги обединува луѓето и тоа е она што ме мотивира“

Задоволен сум од мојата подготовка и мислам дека бев толку брз поради тимската работа. Сѐ е сведено на тимската работа. Она што ме мотивира е моето семејство, а јас сакам да ги инспирирам младите луѓе. Спортот ги обединува луѓето и тоа е она што ме мотивира, изјави Елиуд Кипчоге по победата и светскиот рекорд на атлетскиот маратон во Берлин во неделата.
На прашањето дали ќе се обиде да трча побрзо од два часа следната година на маратонот во Берлин, Кипчоге кратко одговори: „Да планираме за следниот ден. Прво ќе го прославам овој рекорд и ќе треба да сфатам што се случува. Само напред, ќе видиме што ќе биде“. Л.Д.