Меси осми пат ја доби наградата за најдобар фудбалер, а Вигман четврти пат за најдобра тренерка

ИЗБОР НА ФИФА НА НАЈДОБРИТЕ ВО ФУДБАЛОТ

Аитана Бонмати (Шпанија), Лионел Меси (Аргентина), Сарина Вигман (Холандија) и Пеп Гвардиола (Шпанија) се некои од добитниците на наградите „најдобар“ во избор на Светската фудбалска федерација (ФИФА), за најдобри во фудбалот за 2023 година.
Бонмати лани со Шпанија стана светска првенка, а со Барселона ја освои клупската титула во Европа. Таа претходно ги доби наградата „златна топка“ и признанието за фудбалерка на годината во избор на Европската фудбалска унија (УЕФА) за 2023 година. Бонмати го израмни остварувањето на соиграчката од Барселона, Алексија Путејас, при освојувањето на врвните индивидуални награди, кои Путелас ги освои во 2021 година, пишува „Би-би-си“.
Меси (во 2023 година играше за ПСЖ и за Интер Мајами) осми пат ја освои наградата во избор на ФИФА. Тој беше израмнет со Ерлинг Холанд (Норвешка) од Манчестер сити со по 48 бода, а победи поради правилото за повеќе гласови добиени од капитените на репрезентациите. Во изборот на ФИФА учествуваат капитените, селекторите и по еден новинар од секоја земја членка на Светската фудбалска федерација.
Вигман четврти пат е прогласена за најдобра тренерка (претходно во 2017, 2020 и во 2022 година), а Гвардиола првпат ја добива оваа награда. Вигман е селекторка на Англија, која играше во финалето на Светското првенство, а Гвардиола е тренер на Манчестер сити, актуелниот англиски, европски и светски првак.
За најдобри голмани се прогласени Мери Ерпс (Англија, Манчестер јунајтед), која победи и во 2022 година, и Едерсон (Бразил, Манчестер сити), наградата „Пушкаш“ за најдобар гол на годината ја доби Бразилецот Гилерме Мадруга (од Ботафого, погодок постигнат на натпревар со Новоризонтино), признанието за ферплеј го освои репрезентација на Бразил, Хуго Даниел Ињигез, поддржувач на Колон де Санта Фе, ја доби наградата за навивачи, а специјалната награда на Светската фудбалска федерација за извонредно достигнување во кариерата ја доби Бразилката Марта, за придонес во фудбалот за жени.
Најдобри тимови во изборот на ФИФА и на Светскиот синдикат на професионални фудбалери (ФИФПРО): Жени: Мери Ерпс – Олга Кармона, Луси Бронз, Алекс Гринвуд – Кира Волш, Ела Тун, Аитана Бонмати – Лорен Џејмс, Алесија Русо, Алекс Морган, Сем Кер. Мажи: Тибо Куртоа – Џон Стоунс, Кајл Вокер, Рубен Диас – Бернардо Силва, Џуд Белингем, Кевин де Брујне – Килијан Мбапе, Ерлинг Холанд, Лионел Меси, Винисиус Жуниор. Н.М.