Во Париз може да бидат соборени рекорди за најмногу поединечни златни медали, за најмногу први места во екипен спорт за мажи и за жени, потоа првпат ќе има некогашен НБА-кошаркар што ќе игра баскет 3х3, можно е да има први кошаркарки што освоиле златен олимписки медал и во 3х3 и во 5х5, може да биде соборен рекордот за најмногу настапи на олимписки игри…
Олимписките игри имаат историски приказни со илјадници спортисти од целиот свет што обезбедувале редовен спектакл на спортска драма, интриги и страст, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). Додека некои спортисти се натпреваруваа на повеќе олимписки игри, други ќе ги пишуваат книгите на рекорди со тоа што првпат ќе ја претставуваат својата земја. ИОК претстави некои од уникатните индивидуални и тимски рекорди што би можеле да бидат соборени на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз годинава.
ОЛИМПИЈЦИ ШТО БРКААТ РЕКОРДИ
НБА-ѕвездата Кевин Дурент би можела да стане првиот машки спортист што освоил четири златни медали во кој било екипен спорт доколку репрезентацијата на САД го освои петтиот последователен олимписки златен медал во кошарка на 10 август. Но неговиот рекорд може да биде израмнет само 24 часа подоцна ако Франција победи во ракомет за мажи.
Францускиот трикратен светски играч на годината во избор на Интернационалната ракометна федерација (ИХФ), Никола Карабатиќ, настапи на претходните пет ЛОИ, помагајќи ѝ на својата репрезентација да го освои златото на Пекинг во 2008 година, во Лондон во 2012-та и во Токио во 2021 година. Тоа може да биде емотивно збогување пред домашна публика на последниот натпреварувачки ден, а 40-годишникот, еден од најголемите играчи на спортот досега, ќе се пензионира по ЛОИ 2024.
Но не мора да бидете повеќекратни олимписки шампиони за да соборите рекорди, пишува ИОК. Џимер Фредет би можел да направи историја со самото излегување на теренот во баскет 3х3 на Плас де ла Конкорд на 30 јули. Во 2011 година кошаркарскиот свет беше во средината на феноменот познат како „Џимерманија“. Во тоа време Фредет ја палеше НБА и шутираше за забава. Врвниот бек се пресели во Народна Република Кина, каде што беше избран за најкорисен кошаркар (МВП) пред да се префрли на баскет 3х3 во 2022 година. Натпреварувајќи се во Париз, Фредет ќе стане првиот НБА-кошаркар што ќе се натпреварува на олимпискиот турнир во баскет 3×3 и тој дури може да помогне да ја води репрезентацијата на САД до нивната прва олимписка титула за мажи на дебито. Финалето ќе се одржи на 5 август.
На женскиот турнир, и Келси Плам и Џеки Јанг би можеле да станат првите кошаркарки што освоиле златен олимписки медал и во 3х3 и во 5х5. Ова дуо помогна тимот на САД да го освои златото во баскет 3×3 за жени на Летните олимписки игри во Токио во 2021 година, каде што Плам беше изедначена како водечки стрелец на турнирот, заедно со Ванг Лили, со 55 поени. Ќе биде извонредно достигнување ако таа може уште еднаш да биде на врвот на листите, пишува ИОК.
На друго место, седумкратните златни медалисти Изабел Верт и Кејти Ледецки имаат можност да ги врежат своите имиња во историските книги со освојување најмногу олимписки златни медали во кој било спорт. Актуелниот женски рекорд го држи гимнастичарката Лариса Латинина, која освои девет златни медали за време на својата славна кариера. Германската коњаничка ѕвезда Верт би можела да освои две злата во Версај за да се израмни со Латинина, а американската пливачка Ледецки би можела да ги надмине и двете ако победи на три од четирите нејзини дисциплини.
Во стрелачкиот центар Шатору, Нино Салуквадзе има можност да го зголеми својот рекорд за натпреварување на најмногу олимписки игри. ЛОИ 2024 ќе бидат нејзини 10-ти ЛОИ, извонреден подвиг до кој не се приближила ниту една друга жена.
Грузиската стрелачка се натпреваруваше на сите летни олимписки игри од Сеул во 1988 година, истата година во која Флоренс Грифит-Џојнер ги постави светските рекорди на 100 и на 200 метри во атлетика за жени, и девет години пред да се роди Симоне Бајлс, најуспешната гимнастичарка во историјата, пишува Интернационалниот олимписки комитет. Салуквадзе има три златни медали и може да го собори рекордот како прва спортистка што се натпреварувала на 10 последователни летни олимписки игри кога ќе се појави во Париз од 27 јули.
ТИМСКИ РЕКОРДИ
ЛОИ 2024 ќе го обележат првиот пат кога Узбекистан ќе учествува во тимски спорт на олимписки игри, пишува ИОК. Машката фудбалска репрезентација ќе го има своето олимписко деби на стадионот „Парк на принцовите“ на 24 јули, кога ќе ги одмери силите со Шпанија, во првиот натпревар во групата Ц. Истото тоа важи и за Азербејџан, откако женската кошаркарска репрезентација 3×3 обезбеди место на Игрите со победата на Олимпискиот квалификациски турнир во Хонгконг претходно годинава. Првиот натпревар ќе биде на 30 јули, исто така, против Шпанија.
Од баскет 3х3 до кошарка 5х5, жените од селекциите на САД би можеле да испишат понатамошна историја на последниот натпреварувачки ден. Доколку го освојат златото на арената „Берси“ на 11 август, тоа ќе биде осми по ред златен медал во дисциплината откако почнаа со неверојатната победничка серија во Атланта во 1996 година и ќе го соборат рекордот за најмногу последователни олимписки златни медали во кој било екипен спорт. Сегашниот рекорд е изедначен со машката кошаркарска репрезентација на САД, која освои седум злата од 1936 до 1968 година.
Дијана Таураси од тимот на САД веќе го дели рекордот за најмногу олимписки злата во екипен спорт заедно со поранешната соиграчка Сју Бирд, со пет злата, од Атина во 2004-та до Токио во 2021 година. Сепак, со учеството на нејзините шести летни олимписки игри, Таураси би можела да ја продолжи оваа рекордна серија ако САД освојат злато на Игрите во Париз, каде што ќе стане спортистка со најмногу олимписки златни медали во кој било екипен спорт, пишува Интернационалниот олимписки комитет. Н.М.