ТЕНИС
Отвореното првенство на Австралија во тенис првпат ќе стане 15-дневен настан во 2024 година, во обид да се намали бројот на мечеви што завршуваат доцна навечер на „Мелбурн парк“, пишува „Би-би-си“. Сега овој гранслем-турнир додаде ден и ќе почне в недела, на 14 јануари. Најмалку два натпревари ќе бидат закажани за дневни сесии на главните терени, наместо три, за да се намали ризикот од одложување на ноќните сесии. Годинава мечот во кој Енди Мареј во пет сета го победи Танаси Кокинакис во второто коло почна во 22.20 часот по локално време, а заврши во 4.05 часот, пишува „Би-би-си“.
– Ги слушавме повратните информации од играчите и од гледачите и возбудени сме што ќе понудиме решение за минимизирање на доцните завршувања на мечевите додека продолжуваме да обезбедуваме фер и правичен распоред на терените. Дополнителниот ден ќе го постигне тоа, што ќе има корист за распоредот за гледачите и за играчите. Првото коло сега ќе се игра во текот на три дена наместо два – вели директорот на турнирот Крег Тајли.
Отвореното првенство на Франција, Ролан Гарос, е исто така 15-дневен турнир, а Вимблдон и САД опен се играат по 14 дена, пишува „Би-би-си“.