ШАХ – ПО ПЕТ КОЛА ВО ВТОРАТА МАШКА ЛИГА
Во Струга продолжуваат мечевите од Втората шаховска лига на Македонија, а се одигра петтото коло од предвидените девет. Токму во ова коло беше дерби-мечот помеѓу две од екипите што се издвоија на врвот, Нов напредок од Штип и Мулти Есенс од Скопје. Тимот на младинците од шаховската школа на ШК Алкалоид имаше водство благодарение на победата на шеснаесетгодишниот Стефан Мелник (1.874) на шестата табла, откако другите партии завршија со реми, па остана да се игра уште на третата табла, каде што ФМ Дејан Динев (2.216) ги имаше белите фигури против Теодор Јовановски (2.112). Динев, кој во претходните четири кола ремизираше, во завршницата стигна до цел поен и со тоа го израмни резултатот во мечот.
– Се покажа дека имаме добар основен состав и дека странските играчи како засилувања одлично се вклопија. Во глобала сум задоволен од прикажаната игра, бидејќи настојуваме да играме борбено, без калкулации, со јасна цел. Ќе биде клучно да се задржи свежината до крајот. Во претпоследното коло нѐ очекува директниот конкурент Кочани, па очекувам токму таа свежина да одлучи – вели капитенот на Мулти Есенс, ВМ Трајко Недев.
Ова беше прв нерешен исход за штипскиот тим, кој е прв на табелата со девет бода, додека, пак, младинците на Мулти Есенс имаат осум бода, оти претходно, во третото коло, имаа уште еден нерешен резултат со Центар. Кон двете водечки екипи се приклучи и Кочани, кој со 5-1 ја совлада Шкендија од Тетово и има исто така осум бода. Во другите мечеви 7 Ноември од Гевгелија со 3,5-2,5 го совлада Ласкер од Охрид, а Центар беше подобар од Прилеп со 4,5-1,5, додека Карпош убедливо славеше над Шах-Шех од Битола со 5-1. Во согласност со пропозициите, во највисокиот ранг на натпреварување ќе одат само двете најдобри екипи со право на настап во 2025 година. Г.И.