Фото: Игор Бансколиев

ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ОДБОЈКА

Во нашиот менталитет не се две победи, туку имаме нова цел, а тоа е да не бидеме четврти во групата, со што ќе ја избегнеме Италија, вели капитенот Ѓоргиев

По очекуваниот пораз на македонската машка селекција со 0-3 (12-25, 21-25, 14-25) од одбојкарската велесила Полска во групата Ц (која се игра во Скопје), а која патем се смета и за еден од најсериозните кандидати за златото на 33. Европското првенство (ЕП), кое се одржува во Италија, Бугарија, Македонија и Израел, црвено-жолтите денеска ги очекува дуелот со Холандија (17 ч.), а утре со последниот во групата, со Чешка (20 ч.). Првите четири репрезентации одат во осминафиналето во Бари (Италија). Една победа ѝ носи на Македонија загарантиран пласман, но и без победа може да биде меѓу најдобрите 16. Сепак, доза на неизвесност може да внесе Црна Гора (која ја совлада Данска) ако триумфира над Чешка (играа вчера н.з.), а потоа Македонија да загуби од Чешка, со што би се создал круг од три репрезентации со ист број бодови, па сет-разликата да решава за четвртиот.

– Игравме против најдобрите одбојкари на планетата, полските ѕвезди, за кои немавме решение. Можеби сме осминафиналисти, меѓутоа едно сценарио вели дека може и да извисиме. Ќе одиме на победа и против Холандија и Чешка, оти веруваме во своите квалитети. Првата цел беше пласман во Бари, а кога веќе тоа, се надевам, го постигнавме, размислуваме и за нешто повеќе. Како четврти би играле против светскиот првак Италија. Ако, пак, ја избегнеме, можеби ќе играме со Германија или Србија, кои исто така се сериозни селекции. Сепак, овој турнир во Скопје е круна на едно лето во кое макотрпно трениравме, но и ретка можност вакво големо одбојкарско натпреварување да се игра како домаќин – задоволно вели македонскиот селектор Миленкоски.

Холандија, денешниот ривал на Македонија, 28 пати играла на ЕП, а освоила едно злато (1997) и по две сребра и бронзи. Во составот предничат Фабијан Планк, Нимир Абдел-Азиз, Михаел Паркинсон, Мартен ван Гартерен. Холандија тука ги победи Црна Гора (3-0) и Чешка (3-1), а загуби од Полска (1-3). Пред вчерашните дуели, Холандија беше втора, со шест бода, колку што има и Македонија, додека Чешка беше четврта, а Црна Гора петта, и двете со по три бода, а последна Данска без освоен бод.

– За нас, ЕП всушност започнува денеска, треба да играме уште со Холандија и Чешка. Првата цел ја исполнивме. Во нашиот менталитет не се две победи, туку имаме нова цел, а тоа е да не бидеме четврти во групата, со што ќе ја избегнеме Италија. А, нема поубаво чувство од тоа да се игра за својата држава и кога ќе го израдувате својот народ. Се надевам дека публиката ќе нè поддржи на дуелите со нив. Мило ми е што и младите македонски одбојкари ја почувствуваа атмосферата на ова ЕП, за да се мотивираат уште повеќе во иднина, а јас горд што сум дел од оваа репрезентација. А, Полјаците знаевме дека се ѕвезди. Уште пред почетокот кажав дека очекувам тие да бидат европски прваци – вели капитенот Никола Ѓоргиев. Г.И.